Федералниот суд на Германија одлучи дека градовите во оваа државата имаат право да забранат движење на автомобили со дизел мотори во урбаните средини за да се намали загадувањето на воздухот

Овој случај ја разбранува германската јавност и пред да биде донесена пресудата, поради можните последици за домашната автомобилска индустрија, која последниве години и онака е дополнително протресена со аферата Dieselgate.

Пресудата може да има далекусежни последици за германските производители на автомобили, кој со децении во голема мера се потпираат на технологијата за економични дизел погонски агрегати, кои се мали потрошувачи, но за кој се испостави дека имале манипулативен софтвер, со цел да ги поминат тестовите за штетни емисии.

Судот во овој случај одлучувал дали градовите имаат право да забранат движење на одредени видови на возила – особено оние со дизел мотори – во населбите каде што загадувањето на воздухот е постојано на високо ниво.

Тужбата била поднесена од страна на непрофитната организација Акција за животна средина која се занимава со заштита на животната средина, соочена со се поголемото загадување во околу 70 градови во Германија. Во тужбата, организацијата се повикала на стандардите пропишани од Европската унија.

„За нас проблемот со автомобилската индустрија е сличен на оној што некогаш го имавме со тутунската индустрија, која со децении го релативизираше фактот за штетните ефекти на чадот од тутун по здравјето на луѓето“, објаснува Јирген Реш, директор на организацијата.

„Ние веруваме дека штетата која азотните оксиди од дизел моторите ја нанесуваат на човечкиот организам е последното отворено прашање кога станува збор за загадувањето на воздухот во Германија“, вели Реш.

Меѓу градовите кои имаат проблеми со квалитетот на воздухот е и Штутгарт, во кој се сместени два големи производители на автомобили – Mercedes и Porsche. Основниот суд во Штутгарт уште во 2016 година донесе пресуда во корист на организацијата за заштита на животната средина, во кој се наведува дека единствениот ефективен начин нивото на азотни оксиди во урбаните средини да се намали е забрана за сообраќај на возила со дизел мотори.

Подоцна, вишиот суд оваа одлука ја стави под знак прашање и побара по неа да одлучува федералниот суд, тврдејќи дека тоа е прашање што треба да се решава на сојузно ниво.

Сепак, во Германија, каде што дизел возилата се многу застапени, а од таа технологија зависат околу 800.000 работни места, се уште постои голем отпор спрема мерките за забрана за движење на автомобили со овој тип на мотор.

Се предупредува дека таквата забрана може да го загрози функционирањето на сообраќајот во градовите, движењето на доставните комбиња, како и функционирањето на службите за итни случаи што во голема мера зависат од возилата со дизел погон.
Се вели дека тоа исто така ќе влијае и на многу жители кои користат свои дизел автомобили за секојдневен транспорт.

Дизел горивото е многу популарно во Германија, каде што со децении се користи за погон на патничките моторни возила со образложение дека дизел моторите испуштаат помалку јаглерод диоксид од бензинот.

Според податоците на Министерството за транспорт, на германските патишта и улици во градовите се движат над 15 милиони возила со дизел мотори, а многу од нив се постари модели и се сметаат за главни загадувачи на воздухот кога станува збор за штетните гасови.

Сепак, од неодамна е приметиливо дека купувачите полека го вртат грбот на дизел автомобилите. Најновите продажни резултати покажуваат дека во јануари 2018 година се регистрирани 17% помалку автомобили со дизел мотори отколку во декември 2017 година.

Тоа е само продолжение на минатогодишниот тренд, кој веќе ги загрижи властите дека овие бројки ќе имаат негативно влијание врз германската автомобилска индустрија.

Покрај Штутгарт, забраната за дизел автомобили се разгледува и од страна на градските власти на Дизелдорф и Минхен.

Колку за потсетување, некои од големите европски градови како Мадрид и Атина, веќе најавија дека во 2025 година ќе стапи на сила забраната на движење на возила со дизел мотори, додека Франција и Велика Британија имаат намера да ја забранат продажбата на дизел автомобили од 2040 година.