Audi објави фотографии и технички детали за новата генерација на седанот A6

Германскиот производител го претстави новиот А6 неколку дена пред официјалниот старт на Салонот за автомобили во Женева, каде што публиката ќе може за првпат да го види овој автомобил.
Со оваа премиера, Audi ја заокружи обновата на своите најлуксузни лимузини – прво А8, потоа А7, а сега и А6.

Како што се очекуваше, новиот А6 е стилски поврзан со другите два модели, поголемиот А8 и поспортскиот А7, секако со одредени специфичности, пред се поради нешто поинаку обликуваните фарови и по тесната решетка.

Благодарение на хромираната украсна лајсна која ги поврзува стоп светлата, Audi A6 со задниот дел потсетува на A8.

Клиентите ќе можат да избираат помеѓу три различни конфигурации на фаровите, од кои најскапа е HD Matrix LED опцијата. Опционални се и LED стоп светлата, кои се состојат од 9 вертикално поставени светлосни сегменти.

Од Audi велат дека ја подобриле аеродинамиката на возилото и коефициентот на отпорност на воздух сега е 0,24.

Што се однесува до димензиите, новиот А6 малку пораснал во однос на неговиот претходник, па така должината сега е 4.939 mm, ширината 1.886 mm и висина од 1.457 mm. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.924 mm.

Внатрешниот дизајн генерално е преземен од А7. Во најскапата верзија има 3 големи дигитални дисплеи. Првиот од 12.3-инчи, служи како инструмент табла, додека другите два (10.1 и 8.6 инчи) се наоѓаат еден над друг на средишната конзола. Поголемиот му припаѓа на мултимедијалниот систем, а помалиот ја опслужува климата и некои други функции во автомобилот.

Тука се и целосно новите седишта, кои имаат опции за греење, ладење и масажа. Листата со опции е долга и вклучува, меѓу другото, голем панорамски сончев кров, премиум аудио систем Bang & Olufsen и систем за подобрување на квалитетот на воздухот во салонот, вклучувајќи јонизатор и освежувач на мирисот кој се вметнува низ вентилацијата.

Во понуда се и два пакети за амбиентално осветлување.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1noVYpO6MeEGF1L9PAyUnRfvmbeQpcmfP” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Купувачите во Европа првично ќе можат да избираат помеѓу два мотори. Бензинската опција е 3.0 TFSI V6 турбо со 340 КС (250 kW) и 500 Nm. Моторот е стандардно поврзан со седумстепенски S tronic автоматски менувач и систем за пренос на сите 4 тркала.

Вака опремениот А6 од 0 до 100 km/h забрзува за 5,1 секунди, пред да достигне максимално, електронски ограничени 250 km/h.

Оние кои сакаат дизел можат да сметаат на 3.0 V6 TDI кој испорачува 286 КС (210 kW) и 620 Nm. Дизел агрегатот е впарен со автоматски менувачсо со осум брзини и погон на четири тркала.
Двата мотори работат во комбинација со алтернатор-стартер придвижуван со ремен (BAS), кој ја формира основата на електричниот систем од 48 волти.

Оваа „лесна хибридна“ технологија овозможува автомобилот да се движи со изгаснат мотор со внатрешно согорување. Тоа вклучува и проширена старт / стоп функција и функција за обновување на енергијата. Комбинираниот ефект значи и дополнително намалување на потрошувачката на гориво на моторот – за околу 0,7 литри на 100 километри.

Од Audi објавија дека новиот А6 е „поспортски“ што се однесува до возењето и има подобрена суспензија и прогресивен систем за управување кој е „подиректен, колку управувачот е повеќе завртен“.

Како и другите врвни седани на Audi, и новиот А6 е опремен со електронски системи за асистениција кои овозможуваат полуавтономно возење. Тука е и системо за помош при паркирање, кој практично сам го паркира и извлекува од гаража автомобилот.

По презентацијата во Женева, новиот Audi A6 во продажните салони во Германија ќе пристигне во јуни и ќе се продава по цена од 58.050 евра, што е цена за основниот А6 50 TDI quattro со гореспоменатиот 3.0 V6 TDI мотор со 286 КС.