Според извршниот директор на компанијата, технологијата ќе стане побезбедна

Технолошката компанија за споделени патувања, Uber, ќе продолжи да го развива автономниот транспорт. Ова го најави Дара Хосрошахи, главен извршен директор на компанијата.

Соопштението е дадено за време на одржувањето на транспортен форум каде Хосрошахи појаснува дека компанијата ќе се стреми да ја развива автономната технологија, и покрај стопираните тестови поради фаталната несреќа со автомобил на Uber минатиот месец.

„Ние веруваме во автономните автомобили, но и во тоа дека се дел од решението. Во иднина, тие ќе бидат побезбедни“, вели Хосрошахи.

Во моментов иднината на автономната технологија на Uber е неизвесна, токму поради несреќниот инцидент, минатиот месец во Аризона. Засега случајот сеуште се истражува од страна на Националната администрација за безбедност во сообраќајот, како и од Советот за безбедност на транспортот.

Претходно изданието The New Yorker претпостави дека постои веројатност Хосрошахи да ја затвори автономната програма на компанијата, а како причина за тоа се наведуваат огромните трошоци. Извршниот директор сепак го демантира ова тврдење, велејќи дека Uber е подготвен да продолжи да ја развива технологијата.