Целосно во тренд: Audi Q4 Sportback E-Tron Concept / ФОТО+ВИДЕО
Атрактивен дизајн и купе форма во комбинација со електричен погон е веројатно она што во моментов на автомобилскиот пазар е многу барано. Одговорот доаѓа од Инголштат
Германскиот производител комбинирал купе-кросовер каросерија со електричен погон и по минатогодишниот концепт Q4 E-Tron, ја претстави својата поатрактивна, Sportback варијанта. Концептот Audi Q4 Sportback E-Tron е само вовед во она што треба да се случи следната година, кога треба да се појави сериската верзија на овој автомобил.
Во суштина, Sportback од концептот Q4 E-Tron се разликува само во силуетата, со мали измени во дизајнот на предната решетка. Тука се и тенките LED предни светла кои на автомобилот му даваат поагресивен изглед.
Поголеми промени во однос на „обичниот“ Q4 E-Tron може да се видат во задниот дел, бидејќи купе-линијата со покрив под агол е многу изразена.
Под нагласените калници се наоѓаат големи 22-инчни тркала, специјално дизајнирани за овој електричен концепт. Естетиката на задниот дел е заокружена со мал спојлер на задната врата и LED лента што визуелно ги поврзува стоп-светлата.
Со должина од 4,6 m и висина од 1,6 m, Sportback е еден сантиметар подолг и понизок од Q4, со што се добило на динамика на формата.
Ентериерот е украсен со минималистички, модерен дизајн со големи дигитални екрани, карактеристични за најновата генерација на автомобили.
Во однос на погонот, нема изненадувања. Батеријата има капацитет од 82 kWh, додека моќноста од 306 КС ја обезбедуваат задниот електричен мотор од 204 КС и 310 Nm, како и предниот со 102 КС и 150 Nm. До „стотка“ моделот стигнува за 6,3 секунди, но максималната брзина е ограничена на 180 km/h.
Според стандардот WLTP, Audi Q4 Sportback E-Tron во верзија со погон на сите четири тркала е во можност да покрие автономија до 450 километри со целосно наполнета батерија, додека варијантата со еден мотор и погон на задните тркала би можела да покрие 50 километри повеќе.
Од Audi велат дека е обезбедена компатибилност со полначи до 125 kW, што значи дека за батеријата да се наполни до 80% од капацитетот се потрбни нешто повеќе од половина час.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1A3l9bY9fSK3V0MiunUGKtyD6afEJLB4C” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]