Во вторникот одржан состанок на челниците на Formula 1

На состанокот, покрај главната тема – моторите за 2021 година, договорени се и неколку промени кои во сила влегуваат веќе следната година. Меѓу нив има добра вест за потешките возачи, одредени правила во однос на безбедноста и ново правило кое се однесува на максималната количина на гориво во болидите.

Првото правило кое се менува веќе следната година е тежината на автомобилот. Досега, болидот и возачот се мереа заедно, а нивната тежина за оваа година не треба да надминува 743 килограми. Ова е проблем за некои возачи, како на пример Нико Хулкенберг, кој е највисокиот и најтежок возач во моментов во Formula 1. Од следната година, се очекува да се постави минимална тежина на возачот кој ќе изнесува 80 килограми. Во случај кога возачот е полесен од тоа, тимот ќе мора да користи баласт за да ја постигне таа тежина. Баластот ќе биде поставен на возачкото седиште. Ова ќе ги изедначи условите помеѓу пилотите во Formula 1. Ова правило е добро и за тимовите, бидејќи нема да мора да ја земат во предвид тежината на возачот за време на подготовката на болидот.

Второто правило на FIA се однесува на зголемување на безбедноста на возачот. Од следната сезона, сите натпреварувачи во Formula 1 ќе мора да носат нови биометриски ракавици. Овие ракавици во секој момент ќе даваат информации на медицинскиот персонал за тоа како се чувствува возачот и дали има некои пречки. Ракавиците со помош на вградени сензори на медицинскиот персонал ќе му овозможат постојано да се следи пулсот, нивото на кислород и воопшто севкупната состојба на возачот, особено по инцидент.

Третата промена во правилата, можеби и најважна за гледачите, се однесува на количеството гориво дозволено во болидите пред почеток на трката. Со оглед на тоа што новите Formula 1 болиди се прилично тешки, често се случува возачите за време на трка да „одземат“ гас за да ја намалат потрошувачката на гориво. Тековната граница за гориво е 105 килограми, а од следната сезона ќе се зголеми на 110 килограми. Ова не е толку голема разлика, но сепак ќе им овозможи на возачите да додадат малку повеќе гас кога им треба.

Што се однесува до новите мотори за 2021 година, засега е договорено да се задржи сегашниот агрегатен формат. Ќе останат V6 1.6-литарските турбо хибридни мотори, но без MGU-H (генератор кој собира кинетичка енергија од топлина). Во досегашниот периодот на хибридната ера во Formula 1, се покажа дека оваа компонента на агрегатот е најкомплексна и им создава најмногу проблеми на производителите. Такви проблеми имаше особено Honda, а MGU-H беше најчестата причина за незавршување на трките минатата сезона. Овој предлог FIA на производителите ќе им го презентира следната недела. Планот е подготовка на конечниот нацрт за агрегатите до мај оваа година, со цел истиот да се презентира на Светскиот совет за мотоспорт (WMSC) кој има состанок во јуни.