SUV моделите се главната причина зошто производителите продолжуваат со развој на модерни дизел мотори

И покрај високиот пад на популарноста на дизелот поради високиот степен на загадување и најавата за забрана на овој тип на погон, ова наскоро сепак нема да се случи.

По Mercedes-Benz и Porsche, и јапонската марка Mazda ја истакна потребата за преживување на оваа технологија. Претседателот и главен извршен директор на овој бренд за Европа, Џеф Гајтон, SUV сегментот го наведува како главна причина.

Гајтон забележува дека најголем предизвик за автомобилската индустрија, е производство на големи, но економични SUV возила, а нивен  „најдобар пријател“ се дизелите.

„Принудувањето клиентите да купуваат возила со намалена C02 емисија не донесува резултати. Тие сакаат голем и економичен автомобил. Ова е причината зошто ние продолжуваме да ги развиваме моторите на дизел погон. Можеме да ги направиме почисти, помоќни и поекономични. Сметаме дека тоа е економски подобро решение од , на пример, хибридната технологија“, вели Гајтон.

Шефот на Mazda верува дека клиентите ќе го променат нивното лошо мислење за дизел технологијата кога оваа есен во сила ќе стапат новите WLTP правила.

„Мислам дека сегашната врева во врска со дизелите ќе ослабне кога ќе бидат воведени новите правила за мерење. Тие ќе покажат дека дизел моторите не се разликуваат многу од бензинските мотори. Сигурен сум дека ќе дојде до промена на размислувањето“, вели директорот на Мазда.

Тој, исто така, потврдува дека Mazda нема планови во нов мал автомобил, кој ќе биде класа под Mazda 2. Причината е едноставна, тоа не е доволно профитабилно за една компанија со оваа големина.

„Ние нема да правиме нов автомобилски сегмент. Ние сме голема, но сепак релативно мала компанија. Ние се фокусираме на модели кои можат да се продаваат во големи количини и кои се популарни во целиот свет. Нема да има автомобили помали од Б сегментот. Автомобилите од А сегментот веќе и да не постојат во САД, а тие не се интересни ниту во Кина, ниту во Русија“, заклучува тој.