Солзавецот автоматски би се активира во салонот ако автомобилот регистрира обид да се стартува моторот од страна на неовластено лице

Toyota неодамна патентирала систем кој го препознава идентитетот на лицето на возачкото седиште и врз основа на тоа во внатрешноста на салонот испушта соодветен пријатен мирис, со цел престојот во автомобилот да биде што попријатен.

Препознавањето се врши со користење на телефон на возачот, па мирисот може да се активира и непосредно пред влегувањето на возачот во автомобилот, а и кога се напушта возилото.

Сепак, најголемото внимание во врска со овој патент го привлекува секундарната функција на наведениот систем. Според Toyota, истиот може да се користи за сосема спротивна цел – возењето односно самиот обид за управување со возилото од неовластено лице, го направи исклучително непријатен или целосно невозможен.

Поточно, во случај кога на возачкото место ќе се најде неовластено лице или крадец, наместо пријатен мирис, системот патничкиот простор ќе го исполни со солзавец за да се спречи обидот за кражба на автомобилот.

И додека на потенцијалните сопственици на автомобили опремени со овој систем може многу да им се допаѓа идејата за парфимиран салон, големо прашање е како ќе реагираат на фактот дека некаде во системот за вентилација на возилото се наоѓа потенцијално многу опасен солзавец. Што ако системот згреши и – наместо на крадците, со солзавец го испрска сопственикот на автомобилот.

Сепак, тоа што Toyota го патентиралa овој уред не мора да значи дека еден ден ќе биде инкорпориран во сериските возила. А и ако се случи, Toyota веројатно и нема да ја користи споменатата опција со солзавец, туку само пријатни и релаксирачки мириси.