Светот на Formula 1 остана во шок само еден ден пред првиот слободен тренинг за ГН на Австралија. Чарли Вајтинг, долгогодишниот директор на трките во Formula 1, ненеадејно почина во Мелбурн на 66-годишна возраст

 

Познанството на Луис Хамилтон и Чарли Вајтинг потекнува од 2007 година, кога пристигна во Formula 1.

„Останав шокиран ова утро кога ги слушнав овие тажни вести. Моите мисли и молитви се со неговото семејство. Тој направи многу за овој спорт, беше многу посветен и би рекол дека тој навистина беше столб на ова натпреварување. Тој беше икона во светот на нашиот спорт и со неговата работа тој многу ни помогна. Почивај во мир“.

Макс Верстапен неодамна помина еден ден со Вајтинг во Женева.

„Ова е голем шок. Имаше само 66 години. Сите ние сме сега со неговото семејство и пријателите, а мислам дека ова треба да биде порака за да научиме да го цениме секој ден во нашите животи“.

Вајтинг е важен дел во организацијата на Светското првенство во Formula 1 од 1988 година, а на позицијата директор на трките од 1997 до денес. Од викенд до викенд, секогаш работел на тоа да се почитуваат правилата и се грижеше за безбедноста на возачите, кој сега со тага се простуваат од човекот кој многу ја има задолжено Formula 1.

„Јас сум шокиран, како и секој друг. Тешко ми беше да ја прифатам веста откако вчера разговарав со него и се шетавме по патеката низ првите свиоци. Тешко е да се прифати дека некој едноставно веќе не е со нас“, изјави Себастијан Фетел.

„Го познав долго и тој беше нашиот човек, нашиот возач. Се разбира, постојат правила што тој мораше да ги спроведе, но тој беше човекот кој можеше да го прашате било што во секое време. Тој беше тркач во душата и многу добар човек. Сите ние од тимовите и целото семејство на Formula 1 жали, а нашите мисли се со него и неговото семејство“, додава Фетел.

Даниел Рикиардо најави дека поради овој тажен настан сите возачи ќе му пристапат на првиот натпреварувачки викенд во сезоната со голема страст и многу емоции.

„Тој секогаш беше тука за нас. Знаевме да му создаваме проблеми, да го притискаме, но тој секогаш имаше разбирање и секогаш имавме чувство дека е на наша страна. Тој направи многу за нашиот спорт и ќе остане во многу убави сеќавања“, вели австралискиот возач.

Роберт Кубица жали што вчера не разговарал со него.

„Ова е тешко време за сите нас. Го видов Себастијан како вчера шеташе по патеката со Чарли и не сакав да ги прекинувам, бидејќи сметав дека ќе се видиме денес на состанокот на возачите. За жал, тоа нема да се случи. Многу сум тажен. Тој беше икона на Formula 1 и не само на Formula 1. Тој беше личност на која можевте да му верувате и да му се доверите. Ова е многу тажен момент, а моите мисли се со семејството на Чарли.

Од Чарли Вајтинг денес се простуваат сите вработени во FIA и Formula 1, возачи, членови на екипите и фанови низ целиот свет.