Toyota ќе се приклучи на растечкиот сегмент на мали SUV / crossover модели со нов модел, базиран на платформата на Yaris

Моделот, кој сè уште е неименуван, ќе се произведува заедно со Yaris во фабриката на Toyota во Валенсиен во северна Франција. Двата модела ја користат малата GA-B платформа на јапонската марка, а претставува варијација на глобалната TNGA модуларна архитектура.

Новитетот е најавен на настан во Амстердам, на кој се откриени и податоци врзани за plug-in хибридната верзија на RAV4.

Новиот мал кросовер ќе биде претставен на Саемот за автомобили во Женева оваа пролет, а продажбата треба да стартува во пролетта 2021 година. Се очекува моделот да ја користи истата хибридна поставеност со 3-цилиндерски SUS мотор како и новиот Yaris, кој во продажба влегува во јуни оваа година.

Според проценките на компанијата, овие два нови мали модели ќе учествуваат со 30 проценти во продажбата на Toyota во Европа до 2025 година.

„Очекуваме новиот модел да биде многу успешен. Некои автомобили ги бирате поради стајлингот, а тој изгледа добро. Тој е токму таков автомобил“, вели извор од Toyota.

Јапонската компанија вовела трета смена во Валенсиен со цел да се подготви за воведувањето на новиот кросовер. Производството се очекува да биде близу максималниот капацитет од 300.000 единици годишно.

Toyota објави дека новиот модел првично ќе биде лансиран исклучиво во Европа, а другите пазари ќе бидат разгледани подоцна.

Toyota е еден од последните производители кој влегува во сегментот на мали SUV / кросовер модели, а кој е трет по големина во Европа и најголем во SUV секторот.