Tesla најави отказ за околу 200 луѓе кои работеле на системот за автономно возење

Според неименувани извори, Tesla го намалила бројот на луѓе во тимот кој се занимава со развојот на Autopilot во фабриката на оваа компанија во Калифорнија.

Повеќето од отпуштените работеле привремено и добивале плата по час, велат за медиумите луѓе од фабриката кои не сакаат да го откријат идентитетот. Минатата недела, Илон Маск, извршниот директор на Tesla, ги објави плановите за отпуштање на 10 отсто од вработените со полно работно време, но и дека ќе се отворат поголем број работни места за работниците на час. Тимовите вработени во Сан Матео се ангажирани во оценувањето на податоците за возилата од корисниците на Autopilot Drive Assistance.

Многу членови на тимот се експерти за обработка на податоци и сите тие позиции се платени на час, вели неименуван извор. Вкупно околу 200 работници се отпуштени, а претходно тука работеле околу 350 луѓе, иако некои во последните недели биле префрлени во блиските погони на Тесла.

Tesla се уште не се изјаснилa за ова прашање, а компанијата со седиште во Тексас има околу 100.000 вработени ширум светот. Илон Маск непријатно изненади многу работници на почетокот на овој месец кога најави дека ќе бидат неопходни отпуштања во оваа нестабилна економска средина. Во интервју за Bloomberg, тој изјави дека околу 10 отсто од вработените со полно работно време ќе останат без работа во следните три месеци, но и дека до крајот на годината би можеле да се вработат уште повеќе работници.