Tesla рапидно го зголемува производството и е на добар пат да продаде околу 1,3 милиони автомобили оваа година и околу два милиони следната година

Откако Model 3 го освои светот, Model Y може да се покаже како уште поголем успех. Очигледно, овој кросовер модел е на добар пат да стане најпродаваниот во светот.

На годишното собрание на акционери на Tesla, Илон Маск изјави дека Model Y ќе стане автомобил број 1 во светот според приходите оваа година, а следната година и најпродаван модел во светот по бројот на испорачани единици.

Во зависност од изворот на податоци, најпродаван автомобил во светот во 2021 година беше Toyota RAV4 или Toyota Corolla со околу 1,1 до 1,15 милиони продадени примероци. Tesla се уште е далеку од тие бројки бидејќи минатата година продаде помалку од милион автомобили, а најпродаван беше Model 3 со околу 500.000 продадени примероци.

Сепак, Tesla рапидно го зголемува своето производство и е на добар пат да продаде околу 1,3 милиони автомобили оваа година и околу два милиони следната година. Сето ова и покрај проблемите со недостигот на чипови и нарушениот синџир на снабдување. Кога ќе се решат овие проблеми и кога фабриките во Тексас и Берлин ќе почнат да работат со полн капацитет, Model Y лесно може да стане најпродаваниот автомобил во светот.

Успехот на овој автомобил изгледа уште поимпресивен кога ќе се погледне неговата цена. Станува збор за модел чија почетна цена е повеќе од 60.000 евра, а никогаш во историјата не бил толку баран толку скап автомобил.