Бројот на до сега испорачаните единици од најевтиниот модел на Tesla е скоро еднаков на збирот од продадените единици на второпласираниот Volkswagen Golf и третиот Nissan Leaf

Благодарение на различните бенефиции што ги уживаат купувачите и сопствениците на електрични автомобили во Норвешка, земјата со години е европски лидер во електрификација на возниот парк. Токму затоа, не е ни чудно што, во моментов, ценовно најприфатливиот автомобил на Tesla – Model 3, е убедливо најпродаваното патничко возило во оваа скандинавска земја.

Oваа година, досега, кога станува збор за најпродаваните, Норвежаните купиле 13.028 примероци од Model 3, 7.639 единици од Volkswagen Golf и 6.277 примероци од Nissan Leaf.

Збирно, Nissan Leaf, ако зборуваме само за електрични возила, е убедливо најпродаваниот електричен модел во Норвешка, бидејќи од стартот на продажбата во Норвешка во 2011 година па до сега, е продаден во 56.635 примероци.

Од друга страна, моделот Tesla Model 3 во Норвешка, во продажба е само оваа година, но првичните резултати покажуваат дека може лесно да го претекне електричниот Nissan во следните неколку години и да стане најпопуларен електричен модел.