Светска премиера за Volkswagen T-Roc R со 300 КС / ФОТО+ВИДЕО
Volkswagen ја претстави најмоќната верзија на својот компактен SUV, со мотор од Golf R
Моделот Т-Roc R, кој својата официјална премиера пред публика ќе ја има на претстојниот авто-салон во Женева, како погон користи 4-цилиндерски 2.0 TSI турбо бензинец со 300 КС (221 kW) и 400 Nm вртежен момент. Моторот е спарен со 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка, а моќноста стандардно се пренесува на сите четири тркала преку 4MOTION системот на VW.
Сето ова гарантира одлични перформанси, па така T-Roc R од 0-100 km/h стигнува за само 4,9 секунди. Максималната брзина фабрички е ограничена на 250 km/h.
VW го искористил искуството со Golf R, па така овој SUV, има намалена спортска суспензија и стандарден прогресивен управувачки систем, додека сопирачките се преземени од Golf R Performance.
T-Roc R на возачот му овозможува и посебен Race тркачки мод, како и мануелно исклучување на системот ESC за електронска контрола на стабилноста.
Во Volkswagen се потрудиле верзијата R и визуелно да дава впечаток на моќност – новиот преден браник има масивни отвори за воздух, а забележливи се и проширувањата на страните за да под браникот удобно се сместат нископрофилни спортски гуми со димензии 235/40.
Ниту задниот дел на автомобилот не заостанува по прашање на атрактивноста, благодарение на големиот дифузер во долниот дел на браникот и четирире моќни издувни цевки.
T-Roc R стандардно стигнува со специјални 18-инчни Spielberg alu фелни, а на клиентите опционално ќе им бидат достапни и 19-инчни Pretoria фелни.
Меѓу стилските и аеродинамични додатоци тука се и хромираните детали на екстериерот, кровниот спојлер, како и црни вилушки на споирачкиот систем, додека црниот покрив е на располагање како опција.
Внатрешноста, се разбира, ја следи надворешноста.
Според официјалното соопштение од Volkswagen, претставениот T-Roc R е предпродукциски модел, а производствената верзија – кога ќе пристигне во салоните подоцна оваа година – нема да се разликува од ова возило.
https://youtu.be/aamPGSppIZY