За трката во Абу Даби која го даде одговорот кој ќе биде светски шампион во Formula 1 за 2021 година веројатно уште долго ќе се зборува многу

Макс Верстапен (24) е новиот светски шампион во Formula 1. Возачот на Red Bull го симна од тронот Луис Хамилтон во неверојатно, целосно надреално финале во Абу Даби, со тоа што буквално во последниот круг му ја одзеде титулата светски шампион.

За прв пат по Розберг и 2016 година, најбрзиот циркус во светот доби нов владетел, а на тоа кумуваше лудата завршница на трката во која епилогот го скрои безбедносното возило. На круг пред крајот, болидите кои беа помеѓу дотогаш водечките Хамилтон и Верстапен беа пуштени пред безбедносното возило, а на Макс му се отвори можноста за потера во која со посвежи гуми го престигна Хамилтон и се упати кон целта како светски шампион. За неверување кај фановите, коментаторите, па дури и самите протагонисти.

„Не можам да поверувам. Ја чекав приликата и ја дочекав во последниот круг. Конечно и за мене малку среќа. Му благодарам на Чеко (Перез) кој го остави срцето на патеката“, изјави Верстапен, кому Хамилтон спортски му честиташе пред да ја даде првата изјава.

А вриеше уште од самиот почеток. Во таа милисекунда во која светлата се изгаснаа, Хамилтон се претвори во тркачки ѕвер и се катапултираше покрај Верстапен. Зад нив, Норис за момент ја напушти патеката, Перез дојде до третото место, а Mercedes се чини имаа се во свои раце.

Не помина ниту половина круг, а двајцата претенденти за титулата влегоа во првата тесна борба. Решен да го надополни изгубеното време, Верстапен пред седмиот свиок започна напад врз Хамилтон, доцна закочи и само за момент поведе. Луис немаше простор да се врати на патеката, па го „пресече“ целиот свиок и повторно се најде пред Верстапен. Во Red Bull очекуваа дека ќе мора да ја врати позицијата, но судиите мислеа поинаку и му наредија на Хамилтон само да забави и со тоа да ја „врати стекнатата предност“.

„Неверојатно. Што прават?“ се побуни Верстапен.

Кога се смири целата ситуација, Хамилтон почна да ја зголемува предноста, најмногу благодарение на фактот што Mercedes имаше попаметен избор на гуми. Имено, Верстапен стартуваше на најмеките, кои брзо почнаа да се трошат, па Red Bull мораше да го повика Холанѓанецот на бокс веќе во 14. круг. Веднаш реагираа и од Mercedes и во следниот круг на замена оди и Хамилтон, кој се врати зад Перез, но пред Саинц и Макс.

Неколку круга подоцна, токму кога требаше да се „ослободи“ од Саинц, Верстапен за момент ја загуби концентрацијата, а со тоа и секунда-две, колку што тоа го чинеше малото напуштање на патеката. Тогаш на сцена стапува Серхио Перез кој потсети дека Formula 1 пред се е тимски спорт. Вооружен со упатства дека мора да го задржи Хамилтон што е можно подолго, тој цврсто ја бранеше својата позиција и му помогна на Верстапен да ја намали разликата од осум секунди на две. Хамилтон на крајот го доби тој дуел, но со значително губење на време.

По извозена половина трка, предноста на Хамилтон повторно почна благо да расте, па Red Bull немаше избор. Верстапен повторно оди во бокс во 36. круг, за време на „виртуелното возило за безбедност“, што се покажа како најлогична одлука бидејќи загуби значително помалку време. Тој се врати на патеката со 17 секунди заостанување, што наеднаш го исфрли Хамилтон од удобна позиција.

„Зарем не ризикувавме премногу сега?“ Хамилтон го праша својот тим, свесен дека со одењето во бокс ќе ја загуби својата позиција, но исто така свесен и дека гумите се повеќе се деградираат.

Сепак, гумите на Хамилтон функционираа беспрекорно, нешто на што Верстапен и Red Bull секако не се надеваа. На десет круга пред крајот Верстапен беше цели 12 секунди зад Хамилтон, а Кристијан Хорнер тогаш отворено призна дека им треба чудо за победа.

И би чудо!

А неговото име е Николас Латифи кој загуби контрола и се заби во заштитниот ѕид.

Верстапен го искористи новото излегување на безбедносното возило за уште еден бокс и ставање на меки гуми, но се најде во густ сообраќај со болидите кои претходно ги имаше заобиколено за цел круг. На круг пред крајот, болидите кои беа помеѓу дотогаш водечките Хамилтон и Верстапен беа пуштени пред безбедносното возило, а на Макс му се отвори можноста за потера во која со посвежи гуми го престигна Хамилтон и се упати кон целта како светски шампион.

Холандија го слави својот прв светски шампион, а Mercedes не влегува како плен во 2022 година, туку како ловец…

Жалби

Веднаш по трката, Mercedes поднесе две официјални жалби против победата на Макс Верстапен, односно одлуката на директорот на трката Мајкл Маси да го повлече безбедносното возило од патеката на крајот од претпоследниот круг.

Прво, Мајлк Маси не сакаше да им дозволи на возачите кои заостануваат за еден круг да го вратат заостанувањето, за потоа, во претпоследниот круг, кога требаше возилото за безбедност да се повлече од патеката, да реши петте заостанати возачи, кои беа помеѓу Хамилтон и Верстапен, да се вратат тој круг на заостанување. Оваа одлука директно му овозможи на Верстапен да се најде зад Хамилтон, а благодарение на преминот на меки гуми под безбедносното возило имаше подобро темпо и едноставно фуриозно извозе до победата.

Правилата на кои се повикува Mercedes

Во својата прва жалба, Mercedes се повикува на член 48.8 од спортскиот кодекс на FIA, кој вели: „Ниту еден возач не смее да престигне друг на патеката, вклучително и безбедносното возило, додека не ја помине целната рамнина за прв пат откако безбедносното возило ќе се врати во боксот“.

Во вториот приговор, Mercedes се повикува на член 48.12 од истиот правилник, кој вели дека „сите возачи кои заостануваат за круг или повеќе зад водечкиот возач мора да ги претекнат возачите зад кои заостануваат, но и безбедносното возило пред да продолжи трката“.

Последната вест вели дека жалбите на Mercedes се одбиени од страна на FIA како неосновани.

2021 Abu Dhabi Grand | Резултати

2021 Abu Dhabi Grand | PrixRace Highlights