Првиот човек на Volkswagen, Херберт Дис, изјави дека производителот нема да отвори фабрика во Турција сè додека траат воените операции.

„Нема да отвориме објект на воено поле. Сè додека не замолкне оружјето, Volkswagen нема да ископа ниту темел, а камо ли ништо повеќе “, јасно дава до знаење Херберт Дис.

Шефот на германскиот гигант додава дека цврсто верува дека конфликтот мора да запре ако Турција сака да ја добие фабриката на марката. 

„Ако компаниите сметаат дека човековите права и меѓународното право се само во домен на државата, тогаш се губи етичката основа, што е многу лоша работа“, вели Дис.

Покрај тоа, Дис потврдува дека и германските синдикати нема да дозволат да се отвори фабриката се додека Турција не се одрекне од употребата на сила за решавање спорови.

Volkswagen планираше да отвори фабрика во Турција каде би се склопувале новите генерации на Volkswagen Passat и Škoda Superb. Производството се планираше да започне во 2022 година, а капацитетот на овој погон за производство се очекуваше да биде 300.000 автомобили годишно.

Херберт Дис не сака да открие дали Volkswagen веќе преговара со некоја од другите земји. Во тесниот круг беа Бугарија и Турција, а еден од сериозните кандидати пред тоа беше и Србија.