Бразилскиот ас смета дека Formula Е е шампионат за иднината

„Во моментов, сметам дека Formula Е е најинтересна серија за следење. Покрај фактот дека секоја трка е неизвесна, видлив е растот на првенството на секој можен начин. Спортски, маркетиншки, па дури и финансиски“, вели Маса.

Поранешниот возач на Ferrari, а во последните сезони во Ф1 и Williams, истакнува дека Formula Е е најатрактивното првенство, поради неизвесноста и непостоењето на заштита на одредени тимови.

„Кога се збогував со Formula 1, знаев дека ќе продолжам да возам, а мојот прв избор беше Formula Е, затоа што го следев уште од неговото основање. Денес, тоа е сериозен спорт и колку е поголем, толку повеќе возачи ќе бидат заинтересирани да учествуваат“, вели Бразилецот. Тој додава дека Formula Е станало засолниште за многу возачи од најбрзиот циркус во светот.

 

„Сигурен сум дека секој возач кој излегува од Formula 1 треба да дојде кај нас и убеден сум дека сè повеќе возачи тоа и ќе го сторат“, вели Маса.

Факт е дека овој шампионат расте, и дека со зголемен акцент на електрификацијата, ќе добие поголема поддршка од најголемите производители. Покрај тоа, Formula Е поради неизвесноста и малата разлика помеѓу болидите, веќе е привлечна за поранешните возачи на Formula 1.

Познати имиња кои се натпреваруваат во серијата се Брендон Хартли, Стофел Вандорн, Лукас ди Граси, Жан-Ерик Верние, Паскал Верлајн, Себастијан Буеми и секако Фелипе Маса.