Шефот на BMW ја нападна ЕУ: „Ова е грабеж, на крајот само богатите ќе возат автомобили“
Оливер Ципсе вели дека Европската унија со новиот закон „легално ги одзема автомобилите од граѓаните“.
Минатиот четврток, Европската унија постигна конечен договор за закон со кој се забранува продажба на нови автомобили на бензински и дизел погон од 2035 година.
Иако договорот е претставен како добра вест за возачите бидејќи новите автомобили со нулта емисија треба да станат поевтини и подостапни, извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе, не мисли така.
За време на посетата на Соединетите Американски Држави, Ципсе изјави дека преминот кон исклучиво електрични автомобили многу брзо ќе доведе до исчезнување на понудата на евтини производители на автомобили, а тоа ќе влијае на социјалната структура на луѓето кои поседуваат автомобили.
Оливер Ципсе вели дека Европската унија со новиот закон „легално ги одзема автомобилите од граѓаните“.
„Ова е опасен потег, на крајот ќе имаме ситуација кога само богатите ќе купуваат автомобили. На луѓето треба да им се понуди избор, а не ограничувања. Не правете грешка, BMW ќе биде 100 проценти подготвен за електрични автомобили, но не сум сигурен за остатокот од автомобилската индустрија. Нема сомнеж дека ќе се затворат бројни работни места, ќе настрадаат и добавувачите, но и многу други во поврзаниот синџир“, заклучува Ципсе.
Иако овие размислувања сè уште се хипотетички шпекулации, основата за нив навистина постои.
Со форсирање на електричните автомобили, Европа би убила две муви со еден удар: покрај намалувањето на емисиите на штетни гасови произведени од бензинските и дизел моторите, возачите со поскромни приходи би биле принудени да користат алтернативни решенија.
Во превод, богатите со електрични автомобили, а другите среќата нека ја бараат во јавниот превоз.