Спортскиот директор на Formula 1 и поранешен прв човек на F1 тимот на Ferrari, Рос Брон, смета дека грешките на Фетел се премногу големи и премногу чести

„Не сакам да зборувам лошо за Себастијан, но сосема е јасно дека грешките кои тој ги направи оваа година не се случајни“, вели Брон.

Фетел имаше контакт со Даниел Рикиардо на Големата награда на САД во првиот круг, по што автомобилот на Ferrari се сврте. Сличен инцидент германецот направи и на ГН на Јапонија, но тогаш имаше контакт со другиот член на Red Bull тимот, Макс Верстапен.

Брон вели дека грешките на Себастијан Фетел направени во Франција и Германија значително влијаеле врз шансите на Германецот да го освои шампионатот.

„Ferrari има за што да жали, особено ако видиме што направи Кими со идентичен болид и како убедливо победи“, вели спортскиот директор на Formula 1. „Мислам дека луѓето во италијанскиот тим треба да седнат и да разговараат со Фетел. Тој сепак е четирикратен шампион и сигурно не заборавил да вози, но очигледно е дека тој е малку загубен и му е потребна помош да се врати на вистинскиот пат“, дополнува Брон.

Од друга страна, покрај критиките за Германецот, Брон го фали неговиот тимски колега, Кими Раиконен.

„Кими извозе фантастична трка и стави шлаг на торта во својот втор престој во Ferrari. Тој не е прв возач на тимот и според тоа неговите резултати мора да се почитуваат. Константен е цела година и многу често на подиумот. Ова дефинитивно е негова најдобра сезона во последните неколку години“.