Германскиот Volkswagen официјално го именуваше својот прв целосно електричен модел од семејството ID

Моделот кој може да се спореди со Golf според изгледот и големината ќе биде влезниот модел во EV сегментот и ќе чини помалку од 30.000 евра во Германија.

Моделот ID.3 ќе биде првиот сериски автомобил кој групата VW ќе го лансира на новата MEB електрични архитектура, а прво ќе се појави во специјална серија наречена First Edition, чија цена ќе биде под 40.000 евра.

„Со ID.3 електричниот автомобил ќе го направиме достапен за широките народни маси“, вели Јирген Стакман, директор за продажба во Volkswagen.

Volkswagen ID.3 ќе биде достапен во три верзии – со батерии од 45, 58 и 77 kWh. Според VW, Основниот модел ID.3 со батерија од 45 kWh ќе има автономија од 330 km, средниот со батерија од 58 kWh – 420 kWh, а верзијата со најголема батерија ќе може да помине 550 km. Со 30 минути полнење, со најмалата батерија ќе може да се поминат 260 km. Сите вредности се според новиот WLTP стандард.

Веќе е отворена и книгата за нарачки, а за таа цел неопходно е да се уплати депозит од 1.000 евра. Интересно, оние кои ќе го направат тоа, ќе добијат бесплатно 2.000 киловатчасови електрична енергија во првата година на сопственост од Volkswagen.

Volkswagen ID.3 e долг 4.100 mm, широк 1.800 mm, висок 1.530 mm, што значи дека е 155 mm пократок, 1 mm поширок и 78 mm повисок од седмата генерација на Golf. Сепак, помалите надворешни димензии не се чувствуваат во внатрешноста. Напротив, од компанијата велат дека ID.3 ќе има многу повеќе простор за патниците споредбено со најпопуларниот европски компактен автомобил.

Volkswagen ID.3 официјално ќе биде претставен на Салонот за автомобили во Франкфурт во средината на септември, а првите испораки ќе започнат за една година.

Volkswagen планира да прави просечно по 100.000 единици годишно, а планот на групата е во следните десет години, да бидат продадени повеќе од 10 милиони електрични возила.

По моделот ID.3, VW ќе започне со лансирање и на другите членови на семејството ID, a секој ќе носи име нумерација од 1 до 10, со што ќе бидат заменети ознаките на концептите – Crozz SUV, Vizzion седан, Buzz миниван и Roomzz луксузен SUV.