Со оваа иновативна технологија, наскоро ќе можете дури и да прожектирате филмови со вашиот автомобил

Уште од 1898 година, кога американската компанија Columbia Electric Car за првпат инсталирала електрични светла на еден автомобил, предните фарови се развиваат меѓу две спротивставени барања. Ако се јаки и светат доволно широко, тие ги заслепуваат возачите кои доаѓаат од спротивна насока. Ако се добри за очите на другите возачи, тогаш не се доволно добри за вас.

Конечно, се чини дека има решение за овој проблем. Се нарекува SMARTRIX-HD и официјално е претставен минатата недела на годишниот ContiTechShow во Хановер. Дело на Continental, еден од најголемите снабдувачи со автомобилски компоненти во светот, и производителот на светлечки тела OSRAM, станува збор за матрични LED фарови, кои можат совршено да ги изолираат од заслепување возачите кои доаѓаат од спротивен правец и оние пред вас .

Всушност, концептот нема ништо ново: слични светла се достапни со години – или како LED матрици или како механички подвижни светла. Но и двете технологии се несовршени и често предизвикуваат незадоволство на другата страна.

За разлика од нив технологијата на OSRAM и Continental користи матрица со огромна резолуција: секој од модулите во пракса содржи 1024 пиксели, од кои секој може да се управува поединечно. Во секој фар има по два блока со два модули, односно вкупно 4096 пиксели. Ова овозможува со идеална точност да се затемнуваат другите автомобили на патот и ниту за миг да не бидат осветлени односно заслепени од светлосниот зрак. Во исто време, благодарение на комбинацијата од LED и ласери, новите светла имаат неверојатен досег од 600 метри – десетина пати повеќе од стандардните халогени светла.

Вториот главен плус е тоа што поради огромниот број контролирани пиксели, не се потребни никакви механички компоненти, дури и за светлината во свиоци. Ова не само што ја намалува цената, туку и бројот на потенцијално кршливи елементи.

Од OSRAM и Continental уверуваат дека новата технологија може безбедно да се примени во сериските модели без да влијае на нивната цена. На пример, технологијата ќе биде применета во новата Opel Corsa.

Новата технологија ефикасно ќе ги затемни не само автомобилите што доаѓаат од спротивен правец, туку и автомобилите што се пред Вас, што во пракса ќе овозможи постојано возење со долги светла.

„Ова е само почеток во областа на светлина со висока резолуција“, вели д-р Максимилиан Остерер, директор за развој на  OSRAM Continental. „Бидејќи технолошкиот напредок е веќе факт, не постои пречка бројот на пиксели да расте. Наскоро вашиот автомобил ќе може да проектира различни ликови, па дури и филмови пред вас. Исто така ќе можете да се види и светлосна проекција на возилото во природна големина, па во однос на неа возачот ќе може да процени дали ќе помине низ некое тесно место или дали одредено паркинг место е доволно големо за неговиот автомобил“.

Првата сериска примена на оваа нова технологија се очекува во 2022 година.

Loading...