Renault сака да го купи Fiat-Chrysler?!
За таа цел, новиот прв човек на чело на компанијата, Жан-Доминик Сенар, прво ќе го зголеми притисокот за спојување со Nissan
Француската компанија Renault ќе продолжи со напорите за комплетирање на спојувањето со јапонскиот Nissan, за потоа заеднички да се поднесе предлог за групата FCA Fiat-Chrysler, објави The Financial Times. Изданието се повикува на добро информирани извори од Алијансата, според кои создавањето на нов заеднички борд на директори, предводен од новиот шеф на Renault, Жан-Доминик Сенард, е сосема можно.
Иронично, но евентуалното спојување со FCA би било исполнување на плановите на „симнатиот“ шеф на Алијансата Карлос Гон, кој, според The Financial Times, веќе водел разговори на таа тема пред две или три години. Тогаш француската влада се спротивставила на планот на Гон.
FCA одамна е во потрага по стратешки партнер за да ги задоволи огромните трошоци за префрлување на електричен погон и развој на системи за самовозечки автомобили. Поранешниот извршен директор на Fiat-Chrysler, Серџио Маркионе, разговори во оваа насока имаше и со General Motors и Volkswagen. Сега, The Financial Times тврди дека претседателот на Надзорниот одбор на Групацијата, Џон Елкан, има средби со претставници на PSA Peugeot Citroen.
Во моментов нема реакции и комантари на информациите од ниедна страна.
Инаку, во моментот, Renault, кој поседува 43 отсто од капиталот на Nissan, има пазарна капитализација од околу 19 милијарди долари. Nissan се проценува на околу 35 милијарди долари, а групата FCA na 23 милијарди долари.