Новите возила ќе мора да имаат вградено нови безбедносни технологии за заштита на сите учесници во сообраќајот. Ова го вели постигнатиот договор на ниво на ЕУ

Европските институции постигнаа договор за регулирање на општата безбедност со која сите нови возила ќе треба да бидат опремени со нова технологија за безбедност и заштита на сите учесници во сообраќајот.

Новите технологии треба да го намалат бројот на повреди и смртните случаи, од кои 90 проценти се предизвикани од човечка грешка. Дел од новите безбедносни карактеристики веќе постојат и се вградуваат во повеќе категории на возила, а со новиот закон тие треба да станат задолжителни за сите.

Регулатива предвидува дека автомобилите, вановите, камионите и автобусите да имаат системи за предупредување на возачот во случај на поспаност и губење на концентрацијата, како на пример употребата на паметни телефони при возење, потоа, интелигентни системи за брзината, систем за безбедност при возење наназад  или сензори односно уред за снимање податоци во случај на несреќа (т.н. црна кутија).

Автомобилите и вановите ќе треба да имаат и системи за одржување во сообраќајната лента, напредно сопирање во случај на опасност и безбедносни ремени унапредени врз основа на тестовите за судир.

Камионите и автобусите ќе имаат системи за подобрување на видливоста на возачите, систем за прегледност на „мртвиот“ агол, како и системи на предната страна и странично на возилото за откривање и предупредување на незаштитени учесници во сообраќајот на патиштата, особено при вртење на камионите.

Новиот закон сега официјално треба да биде потврден од Советот на ЕУ и Парламентот. Новите безбедносни карактеристики ќе станат задолжителни од 2022 година, со исклучок на барањата за директна видливост на камионите и автобусите, како и зголемената област за заштита од удар со глава кај автомобилите и ваноите, што треба да се воведе подоцна поради неопходните структурни промени.

Според проценките на Комисијата, новите безбедносни мерки до 2038 година може да спасат повеќе од 25 илјади животи и да спречат најмалку 140.000 сериозни повреди.

Новите напредни безбедносни карактеристики не само што ќе ги заштитат луѓето на европските патишта, туку и ќе им помогнат на возачите постепено да се навикнат на новите системи за помош при возење. Зголемувањето на нивото на автоматизација има голем потенцијал за корегирање на човечката грешка и нуди нови решенија за мобилност на стари лица и лица со физичка попреченост. Сето ова треба да ја зголеми довербата на јавноста како и прифаќање на самовозечките автомобили поддршка при транзицијата кон автономно возење, вели Комисијата.