Kia Motors во првата половина од годината во Европа, и покрај намалениот пазар, забележала рекордна продажба на хибридни и електрични возила, објави јужнокорејскиот производител на автомобили.

Продажбата на електрифицирани возила на Kia се зголемила за 18 проценти во првото полугодие во однос на истиот период лани (продадени 44.894 возила, 38.173 возила минатата година).

Овие бројки ја вклучуваат и се поголемата понуда на лесни хибриди (MHEV), класични хибриди (HEV), plug-in хибриди (PHEV) и електрични возила (EV).

Така, сега електрифицираните возила учествуваат со една четвртина од продажбата на Kia во Европа – 25,2 проценти. Пазарниот удел на Kia во Европа е на ниво од 3,5 проценти во првата половина од годинава.

Според Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), Kia во првата половина од годината продала 178.392 возила во Европа, што е за 33,5 проценти помалку отколку во истиот период минатата година, кога јужнокорејската компанија продала рекордни 268.305 возила, пренесува Kia.