Иако хеџбек моделите (во моментов) ја губат битката со кросоверите, моделот Clio е еден од најголемите адути на Renault

Ова и не е изненадување, бидејќи од францускиот модел од В сегментот во 2018 година се продадени 365.507 примероци, со што на „вечната“ листа пред него е само Volkswagen Golf со 502.752 примероци.

Популарниот модел на Renault првично е лансиран во 1990 година, а сега во доаѓање е петтата генерација, која треба да биде претставена утре, 29 јануари. Но, Французите се одлучија еден ден порано да не почастат со фотографии од внатрешноста, која очигледно е инспирирана од Megan.

Внатрешноста е значително подобрена во однос на актуелната генерација, и дизајнерски и технолошки.

Со оглед на тоа што фотографиите покажуваат модел со богат пакет на опрема, можеме да го видиме најдоброто од новата понуда за Cliо.

Најголемо внимание секако го привлекува големиот, вертикално ориентиран екран на мултимедијалниот систем, кој изгледа како таблет и целосно доминира во централната конзола. Производителот тврди дека ова е најголемиот дисплеј во класата на автомобилот во која припаѓа и Clio.

И покрај фактот што некои производители ги префрлаат речиси сите функции на екранот на допир, Renault ги зачувал класичните контроли за климатизација, како и некои „физички“ копчиња што се наоѓаат веднаш под екранот.

Друга важна новина е дигиталната табла со инструменти, чиј дисплеј може да се конфигурира според потребите на возачот.

Од Renault велат дека за обложување на ентериерот во новото Cliо се користени подобри материјали, кои на одредени места, како што е таблата со инструменти, помеки на допир отколку порано.