Судот во Токио одобрил продолжување на притворот на Карлос Гон, првиот човек на групата Renault-Nissan-Mitsubishi, за десет дена или до 30 ноември, објавија јапонските медиуми

Од судот навеле дека не ги коментираат одлуките за поединечни случаи.

Обвинителството го терети Карлос Гон дека прикажувал помалку приходи од реалните, пет пати во периодот помеѓу јуни 2011 и јуни 2015 година, пријавувајќи вкупен износ од 4,9 милијарди јени (околу 37 милиони евра), наместо речиси 10 милијарди јени.

Карлос Госн (64) беше уапсен во понеделникот во Токио, кога излегувал од својот приватен авион. Тој сега се наоѓа во центарот за притвор Кацушика, на север од Токио.

Францускиот амбасадор во Јапонија бил во можност да го посети во вторникот, во име на конзуларна заштита, но истиот не дава детали за неговата состојба. Карлос Гон ќе остане во притвор најмалку уште десет дена, а потоа неговиот притвор може да се продолжи за уште десет дена доколку така одлучи судот.

Притворот за 10 дена е продолжен и за еден од неговите соработници, Грег Кели, кој беше уапсен во исто време кога и Карлос Гон. Според јапонските медиуми, Управата на Nissan оваа недела треба да одлучи дали ќе се откаже од услугите на Гон и Кели.

Францускиот Renault, кој соработува со Nissan од крајот на 1990-тите години, а сега има удел од 43 отсто во Nissan, сепак за сега ќе го задржи Гон на местото генерален директор, во исто време назначувајќи и „број два“ или човек кој привремено ќе го заменува – Тиери Балор.

Управниот одбор на Renault бара од Nissan да им ги предаде деталите за нивната истрага.