Првенец за Расел за прв триумф на Mercedes во 2022 година!

Autodromo Jose Carlos Pace ја прослави 50-годишнината од првата F1 трка на таа патека, а до долго во ноќта се славеше и во кампот на Mercedes. Џорџ Расел победи на трката за Големата награда на Сао Паоло, а Луис Хамилтон го комплетираше фантастичниот резултат на Сребрените стрели освојувајќи ја втората позиција.

Седумкратниот светски шампион беше најблиску до својот тимски колега, а целта ја мина секунда и пол зад Расел. На третото скалило на подиумот се најде Карлос Саинц Јуниор во Ferrari, кој заостана две и пол секунди зад Хамилтон.

Расел апсолутно заслужено стигна до највисокото скалило на подиумот за прв пат во кариерата, бидејќи практично никој не можеше да му парира во текот на целата трка. Во самиот финиш се обиде Хамилтон, но воопшто не доби вистинска можност да го нападне својот тимски колега. Мора да се нагласи дека за постариот од двајцата Британци, трката беше отжната по контактот кој Хамилтон го имаше со шампионот Макс Верстапен по првото излегување на патеката на возилото за безбедност.

Претпоследната трка од сезоната за првпат беше забавена веќе во првиот круг, кога возачот на McLaren, Даниел Рикиардо направи голема грешка и го удри Кевин Магнусен во Haas, кој се изврте на патеката, а потоа и го удри Австралианецот, што значеше и крај на трката за двајцата. 

По продолжувањето на трката, следеше дуел меѓу Хамилтон и Верстапен за втората позиција, а по контактот возачот на Red Bull падна во долниот дел од колоната и беше казнет со пет секунди, додека Британецот падна на осмата позиција.

Седумкратниот светски шампион од тој момент брилијантно се пробиваше се до третата позиција, кога иако негодуваше тимот го повика во бокс на замена на гумите по втор пат, што подоцна се покажа како добар потег кога во 53-от круг Ландо Норис едноставно застана на патеката и трката повторно беше забавена. До тој момент Расел беше следен од Саинц кој мораше да влезе во боксот, за потоа Хамилтон да ја наследи втората позиција, а во борбата за подиумот во тој момент беше вториот возач на Red Bull, Серхио Перез. Саинц на патеката се врати како четврто пласиран.

Сепак, Перес неможеше да го следи темпото по продолжување на трката и полека паѓаше во поредокот за на крајот да се задоволи со седмото место, зад Шарл Леклер во второто Ferrari, кој беше истуркан од патеката од Норис на почетокот на трката, Фернандо Алонсо во Alpine и тимскиот колега Макс Верстапен. 

Шампионот за 2022 година беше замолен од тимот да го пропушти Мексиканецот доколку се рамо до рамо во последниот круг, но холандскиот возач одби да го стори тоа, коментирајќи дека претходно ги кажал причините зошто нема да го стори тоа. Осмото место го зазеде Естебан Окон во болидот на Alpine, додека листата на освојувачи на поени ја комплетираа возачот на Alfa Romeo, Валтери Ботас и Ленс Строл, во болидот на Aston Martin.

Верстапен пред последната трка сезонава има 429 бодови, а потоа следат Леклер и Перес со по 290. Во конкуренција на конструктори прв е Red Bull со 719 бодови, пред Ferrari со 524 и Mercedes со 505.

Завесата на овогодинешниот шампионат во Formula 1 се спушта следниот викенд со Големата награда на Абу Даби.

2022 Sao Paulo Grand Prix / Резултати

2022 Sao Paulo Grand Prix / Race Highlights

2022 Sao Paulo Grand Prix / Sprint Highlights

2022 Sao Paulo Grand Prix / Qualifying Highlights

2022 Sao Paulo Grand Prix / Изјави по трката

Џорџ Расел

„Неверојатно чувство“, изјави Расел веднаш по трката. „Голема благодарност до тимот што ми го овозможи ова. Ова беше емотивен тобоган во оваа сезона. Трката беше тешка. Чувствував дека беше под контрола, но Луис беше супер брз. Потоа го видов безбедносното возило и помислив дека ќе биде тешко. Ме стави под голем притисок. Занемев. Во парадниот круг по трката ми надоаѓаа спомени. Се ми помина низ глава, од почеток со мајка ми и татко ми во картинг до денес. Моето семејство многу ме поддржуваше во се што правев во текот на годините“.

Луис Хамилтон

„Пред сè, честитки за Џорџ“, изјави Хамилтон по трката. „Тој имаше неверојатно возење. Имаше и неверојатни квалификации и навистина го заслужи ова, горд сум на сите луѓе во фабриката и овде. Ова е неверојатен резултат. Работевме напорно оваа година за да ги имаме првите две позиции во трка. Голема благодарност до сите.”

Хамилтон го коментираше и дуелот со Верстапен.

„Знаете како е со Макс“, беше краткиот коментар на Британецот.

Серхио Перез

Мексиканецот трката ја заврши трката на седмото место зад Макс Верстапен, кого го пропушти неколку круга пред крајот. Тогаш тимот му кажа дека ќе ја добие оваа позиција назад во последниот круг доколку Верстапен не напредува во поредокот, но тоа не се случи до крајот.

Како резултат на тоа, Перез беше видно лут на радиото кога разговараше со својот инженер.

„Ова покажува кој е тој навистина“. – изјави Мексиканецот.

Макс Верстапен

„Имам некои сопствени причини зошто не го пуштив. За ова пред малку зборувавме и ја расчистивме целата состојба. Нема да се враќаме повеќе на тоа и се очекуваме“.

„Секако, ако има можност и доколку му е потребна на Перез во Абу Даби, ќе помогнам да го освои тоа второ место. Добро е што сега решивме се и што нема непознаници помеѓу нас“, изјави Верстапен.

Grand Prix Post Race Show