Премиера за Toyota GR 86 / ФОТО
Новитетот доаѓа со поголем мотор и повеќе коњски сили
Toyota и официјално го претстави новото спортско купе 86, скоро пет месеци откако Subaru го стори истото со моделот BRZ. Повеќе од 200.000 примероци од оригиналот се веќе кај своите сопственици, а наследникот има за цел да ги надмине овие бројки.
За да се одржи масата под контрола, инженерите користеле алуминиум за покривот и крилата, истовремено модифицирајќи ги предните седишта и системот за издувни гасови. Ревидираниот покрив донел уште една голема предност, а тоа е спуштениот (и онака низок) центар на гравитација, што секако ќе придонесе за подобри возни перформанси.
Торзионата крутост е подобрена за околу 50 проценти, така што новитетот има подобра стабилност, додека димензиите останале во голема мера исти. Автомобилот е долг 4.265 mm, широк 1.775 mm и висок 1.310 mm, додека меѓуоскиното растојание е 2.575 mm. Кога е опремен со стандарден 6-степен менувач, Toyota 86 тежи само 1.270 kg. Автоматскиот менувач со ист број на степени на пренос е достапен опционално.
За погонот е задолжен поголем 2.4-литарски бензински мотор, кој го заменува стариот 2.0-литарски агрегат. Се разбира, сè уште зборуваме за боксер атмосферец, овој пат со 235 КС (173 kW) на 7.000 вртежи во минута и 250 Nm на 3.700 вртежи во минута во JDM спецификации. Спринтот до 100 km/h е пократок за 1,1 секунда односно сега е 6,3 секунди.
Покрај извлекувањето на дополнителна моќност, од Toyota велат дека моторот има подобра реакција и обезбедува „непречена, релаксирана транзиција од ниски до високи вртежи“. Приклучувајќи се на GR Yaris, GR Supra и идниот хипер-автомобил GR Super Sport, новиот GR 86 исто така може да се пофали со низа аеродинамички подобрувања, развиени за подобрување на стабилноста и одзивот на управувачкиот систем. Предната суспензија е MacPherson, додека позади се двојни попречни рамења, додека на 18-инчните бандажи се монтирани гуми 215/40.
Веќе на прв поглед може да се види сличноста со BRZ, бидејќи овие два јапонски купе модели споделуваат многу кога станува збор за надворешниот дизајн. Најочигледна разлика е дизајнот на предната решетка, при што кај Toyota е за нијанса поагресивна. Всушност, тоа е слично на решението во GR Yaris.
Просторот во кабината е исто така во дежаву стил, бидејќи е практично идентичен со оној на BRZ, освен малку поинаквиот тапацир на седиштата и ознаките GR на воланот. Новитетот може да се пофали со истиот 7-инчен инструмент дисплеј пред возачот и со 8-инчен екран од инфо-забавниот систем. Од формата на отворите за вентилација и седиштата, до прекинувачите и педалите, 86 и BRZ имаат практично идентичен ентериер. Во однос на безбедноста, моделот со автоматски менувач е опремен со технологијата EyeSight Driver Assist на Subaru.
Втората генерација на Toyota GR 86 во продажба во Јапонија влегува оваа есен, а деталите за другите пазари ќе бидат објавени подоцна.