Премиера за новата Opel Astra! / ФОТО+ВИДЕО
Новата Astra е секако една од највозбудливите премиери оваа година
Овој пат, Opel поголем дел од технологијата не го равиваше самостојно, бидејќи станува збор за трансплантација од братскиот Peugeot, од кој се преземени платформата и погонските единици.
Ова значи дека новата генерација на моделот од С-сегментот на Opel е многу тесно поврзана со Peugeot 308 и неговата главна цел е да се пробие на оние пазари каде што тоа е тежок потфат за францускиот автомобил односно примарно германските земји.
Оттука и драстично различниот стил во однос на 308. Тука пред се мислиме на новото лице под име Vizor, кое беше инаугурирано со новата Mokka. Затоа, комплетниот автомобил има далеку поумерен изглед од неговиот братучед од другата страна на Рајна.
Новата итерација на Opel Astra е поставена на платформата EMP2, која потекнува од поранешната групација PSA. Новата Astra се издолжила за само 4 mm, но меѓуоскиното растојание е зголемено за 13 mm и сега изнесува 2.675 mm. По ширина новината е исто така и тоа позначајно зголемена (+51 mm) и сега е 1.860 mm, но затоа висината се намалила за 15 mm и сега е 1.470 mm. Opel наведува дека багажникот е поголем од неговиот претходник со 422 литри употреблив волумен.
Голема промена има и во кабинскиот простор. Во салонот има два дисплеја со дијагонала од 10 инчи. Оној кој е на врвот од централната конзола служи за контрола на инфо-забавниот систем, додека другиот функционира како дигитална инструмент табла. Германската марка не се ослободила целосно од физичките прекинувачи и копчиња, што е дефинитивно добра вест, бидејќи тоа е далеку попрактично решение.
Што се однесува до технологијата, Opel применил практично сè што има на располагање. Од HUD дисплејот, преку Matrix LED светлата со потекло од Insignia, до адаптивниот темпомат и камерите за гледање од 360 степени.
Моторната гама за новата Astra е веќе позната, па така германскиот хечбек ќе користи единици од поранешната групација PSA. Бензинскиот мотор е 1.2-литарски PureTech кој е достапен во две варијанти со 110 и 130 КС. Клиентите Astra ќе може да ја набават и со дизел мотор, односно 1,5 BlueHDi, кој испорачува 130 КС.
Новитет се двете plug-in хибридни верзии. Послабата располага со 180 КС, а помоќната 225 КС, а двете користат батерии со капацитет од 12,4 kWh. Германската марка не објави никакви податоци во врска со можното ЕВ издание на Astra, иако Peugeot објави дека 308 ќе добие електрична варијанта во 2023 година. Тешко е да се замисли дека нема истото да се случи и со Astra, но и да не е така, оваа итерација секако ќе биде последна со мотор со внатрешно согорување, бидејќи од 2028 година, Opel ќе се префрли исклучиво на електрични автомобили.
Opel сепак не кажа се во врска со новата генерација на Astra, бидејќи нешто треба да се сочува и за периодот што следува. Производителот од Риселхајм потврди дека моделот од С-сегментот ќе има и караван издание, но подоцна.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1_oJKr0n4Tr-lf_Nv-Y0v9wIzqkghUYPE” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Првите единици на новата Astra треба да стигнат до своите нови сопственици на почетокот од следната година, секако прво во Германија.