Климатските промени се реалност, тоа е очигледно секојдневно, и влијаат на целиот живот на планетата, вклучително и на нас самите

Иако сè уште има „неинформирани“ и „неверни“, доволно е да се следат метеоролошките вести и да се разбере дека е започнат ланец на настани чиј епилог може да биде катастрофален, на што постојано предупредуваат научниците. Според една нова студија, само 25 градови во светот се одговорни за 52% од глобалното загадување од урбаните области.

Што во превод значи тоа? Мал број на „криминалци“ се доволни за да ги држат работите надвор од контрола. Истражувањето, објавено од Frontiers in Sustainable Cities, е спроведено со цел да се утврдат нивоата на загадување и распределбата на емисии на стакленички гасови. Како примерок биле земени 167 градови низ целиот свет, а локациите се во 53 земји во Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Азија, Африка и Океанија.

Без оглед на тоа што некои од локациите се наоѓаат во развиени земји, а други во земји во развој, и во двете групи има градови кои испуштаат огромни количини на штетни гасови, и тука акцентот е ставен токму на нив.

Резултатите покажуваат дека повеќе од половина од вкупните емисии од урбаните области (52 проценти) се однесуваат на 25 мегаградови, каде Кинезите се во водство, додека зад нив има некои во Јапонија и Европа. Хандан, Шангај и Сужу се најголемите загадувачи во Кина, заедно со Токио, Москва, Истанбул, Рио де Женеиро, Јоханесбург и Венеција. Големите градови во САД, Кореја, Германија и Сингапур се исто така големи загадувачи.

Емисиите од согорување на фосилни горива и производство на електрична енергија за комерцијални и станбени згради сочинуваат до 80 проценти од вкупните вредности во северноамериканските и европските градови. Над 30 проценти од тоа доаѓа од транспортниот сообраќај во една третина од градовите, додека железничкиот, воздушниот и водниот транспорт се одговорни за помалку од 15 проценти.

Од друга страна, постојат градови како Осло, Хјустон, Сиетл и Богота, кои постигнале најголемо намалување на емисиите по глава на жител за време на истражувањето, спроведено помеѓу 2012 и 2016 година.

Авторите на оваа студија сметаат дека нивното истражување е многу важно во идентификувањето на најголемите загадувачи, што е првиот чекор во решавањето на проблемот, што подразбира постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година.