Корејската премиум марка покажува дека има сериозни амбиции за настап на Стариот континент 

Портфолиото ќе биде разновидно, со комбинација на традиционални лимузини, SUV модели, а сега во гамата е додаден и караван. Станува збор за автомобил базиран на стандардниот G70 со кој споделува бројни стилски карактеристики.

Интересно, G70 Shooting brake е со ист габарит како и седанот на кој се базира, а тоа значи дека е долг 4.685 mm, широк 1.850 mm и висок 1.400 mm. Меѓуоскиното растојание е исто така идентично (2.835 mm). Иако димензиите останале непроменети, поради променетата форма, обемот на багажниот простор е зголемен за 40%, а заради практичност, и задната клупа е поделена според принципот 40:20:40.

Дизајнот на предниот дел од возилото е ист како и кај седанот. Напред доминира голема и привлечна решетка, како и светлосна група од два дела. Се разбира, задниот дел е значително променет поради различното тело, но дизајнерите на Genesis навистина се потрудиле автомобилот да биде многу привлечен и хармоничен. Задната светлосна група на G70 Shooting Brake е слична на она што може да се види и кај стандардниот G70.

Сè на сè, станува збор за многу хармоничен и допадлив автомобил. Во внатрешноста на салонот од Genesis јасно ставаат до знаење дека се потрудиле да го слушнат гласот на пазарот. Нема сиви или премногу темни бои, а црвената кожа која ја има во изобилство дава нова контрастна нота на целиот ентериер. Поставките секако останале исти како и кај стандардната лимузина.

Корејците не објавија податоци за моторната гама. Тоа е оставено за понатаму. Се претпоставува дека во понудата секако ќе биде вклучен 2-литарски турбо-бензински мотор кој испорачува 188 kW и 353 Nm. Genesis G70 нуди и 3.3-литарски V6 мотор, но големо прашање е дали тој ќе им биде достапен на европските потрошувачи.

Јужнокорејскиот производител очигледно има намера сериозно да им се спротивстави на германските премиум марки во Европа. Конкретно, G70 Shooting Brake ќе им конкурира на караван изданијата на Mercedes C-Class, BMW 3-Series, Audi A4… Конкуренцијата е навистина многу силна.