По реализацијата на првите испораки на батерискиот хеџбек ID.3, дојде време и за промоција на првиот батериски кросовер модел на Германците

Моделот ID.4 е кросовер кој нуди можност за превоз на до пет лица. Новитетот габаритно е сличен на моделот Tiguan, а како таков на пазарот ќе биде директна конкуренција на Tesla Model Y и Škoda Enyaq.

Новитетот од Volkswagen e поставен на платформа MEB. Потврдени се два различни по капацитет батериски пакети, што значи дека помалата единица ќе понуди 52 kWh, додека поголемата ќе има 77 kWh. Сепак, во почетната фаза од појавата на пазарот, ќе бидат достапни само верзиите со помоќна батерија, додека другите се очекуваат во подоцнежниот дел од 2021 година.

Од базниот Volkswagen ID.4 се очекува автономија со едно полнење од најмалку 360 километри. За погонот е задолжен електромотор кој развива нешто помалку од 150 или 170 коњски сили. Погонот е на задните тркала.

Од верзијата која поседува батерија со капацитет од 77 kWh, треба да се очекува автономија на ниво од околу 520 километри, барем според наводите од компанијата. Електричната единица во оваа верзија располага со нешто повеќе од 200 коњски сили, додека погонската оска е исто така задната. Во оваа верзија, електричниот кросовер до 100 km/h спринта за 8,5 секунди, додека неговата крајна брзина е ограничена на 160 km/h. Покрај едицијата со мотор од 200 КС, ќе се понуди и варијанта со околу 180 КС, а Германците потврдуваат дека врвната верзија ќе има и систем за погон на сите четири тркала.

Во оваа варијанта, најверојатното име е ID.4 GTX, додека погонскиот агрегат ќе се споделува со Škoda Enyaq vRS, кој нуди нешто повеќе од 300 КС. Погонот е на двете оски, додека спринтот до стотка трае 6,3 секунди.

Влезниот ID.4 ќе има можност за поврзување на полначи до 50 kW, што значи време на полнење до 80% капацитет од околу еден час, ако пред тоа, енергетскиот статус на батеријата е нула. Сепак, потврдена е и верзија со можност за поврзување на полначи до 100 kW, што го намалува времето на полнење на половина од претходно споменатото. Оние верзии кои имаат поголем батериски пакет (77 kWh), ќе можат да црпат енергија од електричната мрежа, преку полнач од 125 kW, на кој начин добиваат доволно енергетски сок за да поминат 320 километри, со само триесет минути полнење.

Дизајн и опрема

Како втор модел во електричната палета на Volkswagen, ID.4 го продолжува стилот и темите премиерно прикажани во ID.3, секако спакувани во каросеријата на еден кросовер. Соодветно на тоа, повеќето детали однадвор се веќе препознатливи.

VW ID.4 е долг 4.580 милиметри, што е нешто повеќе од обичниот Tiguan, но исто така е и поскромно од изданието Allspace, оној кој е способен да пренесе до седум лица. Волуменот на багажникот е 543 литри, но ако задната клупа е преклопена, тогаш расте до 1.575 литри.

Меѓуоскиното растојание е на ниво од 2.700 милиметри, додека батериите се ставаат под подот на багажникот. Затоа електромоторот е прикачен на задната оска, што е концепт кој на овој кросовер му овозможува да понуди доволно удобност на патниците за да можат да се натпреваруваат со возила од горната класа

Веќе ја знаеме централната конзола, а причината за тоа лежи во фактот што е видена во моделот ID.3. Најистакнатите форми на фронталниот гребен се, како и обично, екраните. Оној што служи за следење на поставките на инфо-забавниот систем има дијагонала од 10 инчи, но може да има и цели 12 инчи, ако сопственикот одлучи да одвои нешто повеќе пари за таа цел. Тука е и уште еден помал панел за дигиталните инструменти. Со нив се управува преку нов систем на говорни команди, кој производителот го именувал Hello ID.

ID.4 воведува и напреден приказ на суштински информации на шофершајбната, преку таканаречениот Head-Up Display. Тој е во состојба да проектира графика во тродимензионален стил, исто како да се работи за вистински објекти на патот. Ова му олеснува на возачот да ги следи упатствата за навигација, особено во сложените кружни текови и комплицирани раскрсници, со повеќе сообраќајни ленти.

За разлика од првиот модел во семејството ID, ID.4 е достапен и со адаптивни амортизери и систем за динамичка контрола на движењето на шасијата. Стандардната опрема вклучува систем за автономно сопирање во критични ситуации, како и помош при одржување на сообраќајната лента. Адаптибилниот темпомат е на списокот со додатоци, исто како и полуавтономниот систем за управување со Volkswagen (Travel Assist).

Цени и почеток на продажба

Цените започнуваат од скоро 50 илјади евра за моделот од серијата First Edition, додека за варијантите со ознака Edition Max почетната цена е на ниво помало од 60 илјади евра. Овие цени не се конечни, бидејќи тие претставуваат основа за пресметка на државните стимуланси кои стимулираат набавка на електрични производи на четири тркала.

Двете верзии понудени на стартот се ограничени на само 27 илјади примероци. Кога VW ќе ги продаде, тогаш ќе се фокусира на клиентите кои не се подготвени да исплатат толку многу пари за својот кросовер. Се очекува дека поскромните верзии нема да бидат поскапи од 40 илјади евра.

Loading...