Дали следниот Golf GTI може да се претвори во електричен GTX?

Volkswagen, како и Audi, Mini и Mercedes, се наоѓа во малку чудна ситуација – компанијата во моментов произведува електричен конкурент на еден од своите најважни модели (ако не и најважниот). Кај Audi, e-tron GT конкурира на RS6, A7 и A8. Mini нуди бензинска и електрична верзија на Cooper S. Дали S-класата е сепак модел предводник во гамата на Mercedes, или новиот EQS ќе ја преземе оваа улога?

Што се однесува до Volkswagen, тука „граѓанската војна“ е помеѓу Golf – можеби единствениот семеен хечбек кој слободно може да се каже дека е „икона“ и електричниот ID.3. Но, дали двата модели можат да коегзистираат во мир? И, колку долго компанијата може да ги дели инвестициите и да прави два автомобила, секој тврдејќи дека е најдобар во својата класа, без канибализација на продажбата?

На оваа тема разговара Top Gear со Клаус Зелмер, шефот за продажба и маркетинг на марката: 

„Мислам дека во блиска иднина Golf и ID.3 ќе коегзистираат затоа што Golf е премногу важен. Тој е еден вид под-бренд и вистинска икона”, сигурен е менаџерот. „Ние сме многу горди на она што го нуди 8-та генерација на моделот и мислам дека ќе имаме барем уште една генерација односно Golf 9, бидејќи имаме многу солидна база на клиенти и многу моќен имиџ за брендот“.

Дали тоа значи, дека барем засега, Golf има сигурна иднина? Па, не баш.

„Се разбира. Сепак ако видиме дека брзината на трансформација од мотори со внатрешно согорување во батерии е преголема па едноставно да кажеме – повеќе не ни треба автомобил со мотор со внатрешно согорување, можеме да го користиме логото на моделот за лансирање на електричен автомобил. Но, тоа, според мое мислење, ќе трае со години“.

Очигледно, сега засега Golf останува и ќе ја чека својата 9-та генерација, но 10-та и понатаму може да доведе до тоа моделот да стане нешто како полу-ретро електричен автомобил, кој ќе се нуди паралелно со ID.3. Како и да е, VW нема лесно да се откаже од моделот со скоро половина век наследство.

„Се надеваме дека до 2030 година учеството на електричните автомобили во нашето производство ќе биде 70%, но сепак треба да видиме што сакаат клиентите“, вели Зелмер. „Можеби побавно, можеби побрзо – клиентите ќе донесат одлука. За нас, клиентот е крал и ќе мора да реагираме според неговите желби. Golf-от од сегашноста и блиската иднина е моделот што го гледаме сега – хибрид со 50 км автономија само на електрична енергија или 100 во следната генерација. Тоа е добра технологија за транзиција помеѓу конвенционалните автомобили и електричните. Ако треба да ги споиме двете технологии, ќе го сториме тоа“.

Што би значело ова за „хот хеч“ моделот Golf GTI и претстојниот домашен конкурент во форма на ID.4 GTX?

„GTX не мора да биде амблем за динамика – тоа е врвно ниво на опрема. Има 4х4 погон, малку повеќе динамика, но не мора да има подобро забрзување или поголема максимална брзина, побрзо може да има поголема брзина на полнење на батеријата. GTX е врв на пирамидата, а GTI е динамичен под-бренд за Golf. И според мене не треба да го разводнуваме ова со електричен автомобил. GTX треба да биде целосно различен од GTI, GTD или GTE – сакаме луѓето да јасно ги разбираат амблемите со кои ги купуваат со своите автомобили“, заклучува Зелмер.

И додека Golf останува, барем засега, логото на GTI со кое пораснавме можеби и ќе го нема. Ќе покаже времето.