Полицаец напишал казна на автономен автомобил / ВИДЕО
Иако полицаецот тврди дека возилото не пропуштило пешак на пешачки премин, податоците од автомобилот покажуваат дека автомобилот бил одалечен повеќе од три метри кога пешакот поминал
Откако веќе подолго време читаме воглавно позитивни вести за автономните автомобили и за напредок на пазарот за самовозечки автомобили, од неодамна како да почнаа да стануваат чести и вестите за големи проблеми на некои од водечките компании на овој пазар.
Прво автомобил на Uber удри пешак, кој почина во болница, потоа беше регистрирана уште една сообраќајна несреќа со фатални последици регистрирана во Калифорнија, а откако Tesla Model X во САД удри во ѕид на автопат, загина возачот, се чини дека е избегната уште една трагедија со автомобили без возач.
Имено, сообраќаен полицаец од Сан Франциско неодамна застанал Chevy Bolt EV со кој во тоа време управувал компјутерот и му напишал казна за непропуштање на пешаци на пешачки премин.
Според неговата верзија, автомобилот не запрел на пешачкиот премин и не пропуштил пешак кој сакал да го премине патот, туку возилото поминало премногу блиску до пешакот. Иако автомобилот бил автономен, медиумите велат дека полицискиот службеник казната ја напишал на безбедносниот возач кој седел зад воланот.
Фотографијата од полицаецот кој го застанал автономниот автомобил брзо се рашири на интернет, а на информациите дека возилото поминало премногу блиску до пешакот со реакција се јавиле од Cruise, оддел во General Motors за автономно возење објавувајќи податоци од возилото за инцидентот.
Според овие податоци, автомобилот поминал на повеќе од три метри од пешакот, што е растојание што се смета за безбедно за проаѓање на пешаците и е во согласност со законите на Калифорнија. Затоа медиумите шпекулираат дека полицаецот можеби реагирал под импресија од трагичната несреќа на Uber која претходно се случи во Тампа.
Во соопштението за медиумите, General Motors уште еднаш потсетува дека на прво место за време на тестирањето на овие возила се ставa безбедноста и дека, според податоците запишани од страна на компјутерот, нивниот автомобил во оваа ситуација, правилно постапил и не бил опасност за пешакот.