Почеток на нова ера – започна производството на VW ID.3 / ФОТО
Во Цвикау, во еден од погоните на германско тло на Volkswagen, официјално започна сериското производство на целосно електричниот автомобил ID.3
На церемонијата на стартот на производството, присуствувале, меѓу другите, и извршниот директор на VW, Херберт Диз и германската канцеларка Ангела Меркел.
Во говорот, чии извадоци се објавени на Интернет, Дис вели дека моделот ID.3 ќе обезбеди „важен придонес во развојот на е-мобилноста“.
„Тој ќе направи еколошката индивидуална мобилност да стане достапна за милиони луѓе и претставува пресвртна точка за нашата компанија на патот кон климатската неутралност до 2050 година“, додава Дис.
Моделот ID.3 би требало да биде лансиран „скоро истовремено“ на европските пазари следното лето, при што основната верзија ќе чини помалку од 30.000 евра во Германија.
Фабриката во Цвикау во моментот претрпува трансформација – од фабрика за мотори со внатрешно согорување во фабрика која ќе произведува само електрични возила.
Volkswagen инвестираше 1,2 милијарди евра во реновирање на фабриката, а таа, како што се вели, од 2021 година ќе има капацитет да произведува 330.000 електрични возила годишно.
Германскиот VW планира да лансира „скоро 70 нови електрични модели“ до 2028 година, а компанијата во март годинава објави дека ќе потроши над 30 милијарди евра за електрифицирање на своето портфолио на возила до 2023 година.
VW минатата недела објави дека приходите од продажба од јануари до септември достигнале 186,6 милијарди евра, што е за 6,9% повеќе во однос на истиот период лани.