По пет години BMW го симна Mercedes-Benz од тронот
Mercedes-Benz во 2021 година на глобално ниво има продадено 2,05 милиони патнички возила, недоволно за да ја задржи титулата најпродавана премиум марка во светот
Продажбата на патнички возила на Mercedes има пад од пет отсто во споредба со претходната 2020 година, соопшти Daimler. Најголемиот пад се случил во четвртиот квартал, пред се поради недостигот на полупроводници, со кој и понатаму мака мачат повеќето автомобилски производители.
Од друга страна, BMW продал рекордни 2,2 милиони возила во текот на 2021 година, иако целосен извештај од Баварците се очекува до крајот на овој месец.
Резултатот на Mercedes, сепак, е засилен со побарувачката за електрифицирани модели. Продажбата на plug-in хибриди и чисто електрични возила од Mercedes-Benz пораснала за 69 отсто, достигнувајќи рекордни 227.458 единици, од кои 48.936 припаѓаат на семејството Mercedes-Benz EQ.
Компанијата од Штутгарт известува дека примила 16.370 нарачки за луксузниот седан EQS, кој беше продажно лансиран во декември.
Во продажните бројки на Mercedes не е вклучен Smart, ниту комерцијалните возила. Исто така, резултатите на BMW се врзани исклучиво за баварската марка, а не заедно со Mini и Rolls-Royce.
Mercedes издаде предупредување за 2022 година, во кое се вели дека „состојбата со понудата на полупроводници останува нестабилна, па се очекува дека недостигот ќе влијае на производството и во следните квартали“.
За време на недостигот, производителите на автомобили приоритетот го ставаат на производството на попрестижни и поскапи возила, па затоа не е чудно што испораката на S-класата се зголемила за 40 отсто, Maybach за 51 отсто и AMG за 17 отсто.
По региони, продажбата на Mercedes во Европа има пад од 11 отсто, (25% во Германија), 1,6 во Азија (2% во Кина), со раст од 0,3% во Северна Америка (0,4% во САД).
Производителот од Штутгарт очекува да ги постигне целите поврзани со намалување на емисијата на издувни гасови на Европската унија и да избегне казни.
Продажбата на комерцијални возила се зголемила за 2,6 проценти или 334.210 единици, вклучително и над 9.000 чисто електрични доставни возила.
Како потсетување, Daimler се подели на две компании, Daimler Trucks за комерцијални возила и Mercedes-Benz групација за патнички автомобили. Промената на името беше ратификувана во октомври, а во сила ќе стапи од 1 февруари оваа година.