Пет EuroNCAP ѕвездички за новиот Toyota Yaris
EuroNCAP има нов построг систем за бодување на краш тестовите, а градскиот модел на Toyota, Yaris, е првиот модел кој поминал низ тестовите за безбедност за оваа година
Главната промена се однесува на воведување удар на возилото со брзина од 50 km/h во друго возило кое се движи со иста брзина, односно симулација на фронтален судир. Овој сегмент е вметнат наместо претходната симулација на удар во статичка препрека или ѕид при брзина од 64 km/h.
Втора новина е проценка на движењето на патниците во возилото во случај на страничен удар, односно дали има потенцијален судир меѓу патниците во автомобилот по судирот. Покрај тоа, EuroNCAP воведе нешто покомплицирани сценарија за тестовите на активните безбедносни системи како што е AEB.
Toyota Yaris е првиот автомобил кој е тестиран според овие построги правила и се покажал одлично што на некој начин е одржување на зборот од компанијата дека нејзиниот адут во Б сегментот ќе биде најбезбедниот модел во својата класа.
Јапонскиот автомобил заработил пет sвезди, со 85% за заштита на возрасни патници и 81% за заштита на деца во возилото. Во новата генерација, Yaris има и воздушни перничиња кои се активираат помеѓу возачот и совозачот, што му дава на моделот уште подобра оценка со новиот систем на бодување.
Кога станува збор за заштитата на другите учесници во сообраќајот, т.е. пешаците и велосипедистите, Yaris добил 78%, при што од EuroNCAP велат дека системот AEB работи одлично со пешаците, а нешто полошо со велосипедистите.