Моделот Portofino поминал низ процес на рестилизација и добил неколку значајни подобрувања во споредба со претходникот

Сите визуелни промени се очигледно инспирирани од новиот Ferrari Roma. Видлив е новиот преден браник со поголеми отвори за воздух, како и „шкргите“ на страниците. На задниот дел различен е браникот со нов голем дифузер и четири краеви на издувните цевки кои се интегрирани на краевите на браникот. Во понудата за кабриолетот се вклучени и нови алуминиумски тркала. 

Ако влеземе во салонот, тука промените се скоро невидливи.

Освежениот Portofino го добил знакот „М“ или Modificata благодарение на промените во погонскиот систем. Првенствено, 3.8-литарскиот V8 twin-turbo мотор сега е помоќен за 20 КС, така што бројот на „коњи“ во ергелата се искачил на дури 620! Максималниот вртежен момент останал ист – 760 Nm.

Portofino добил и нов автоматски менувач со двојна спојка и 8-степен пренос. Ferrari наведува дека новиот менувач е за 20% помал од претходниот, што дополнително овозможува да се постави пониско и со тоа да придонесе за пониско тежиште на возилото.

Подобрени се и перформансите. Така, ажурираното Portofino достигнува „стотка“ за 3,45 секунди, а 200 km/h за 9,8 секунди. Максималната брзина е 320 km/h.

Книгата за нарачки за Portofino М е веќе отворена, а првите примероци од овој автомобил ќе бидат испорачани во вториот квартал од следната година.