Пет EuroNCAP ѕвездички за Audi A6 и VW Touareg, само три за Suzuki Jimny / ФОТО+ВИДЕО
Тестирани се и Ford Tourneo Connect и Smart EQ ForFour, а резултатот е четири ѕвезди
Откако Ford Focus и Volvo XC60 се наградени со пет ѕвездички во претходните тестирања оваа година, Euro NCAP ги објави резултатите од тестирањата на нова група на модели. Групацијата Volkswagen има одличен помин, бидејќи Audi A6 и VW Touareg се добитници на максимален број ѕвезди.
Тестираниот А6 е верзија 40 TDI Sportline со погон на предните тркала. Моделот добил 93 проценти за заштита на возрасните, 85 проценти за заштита на децата, 81 проценти за ранливите учесници во сообраќајот и 76 проценти за системите за безбедност. Touareg е во конфигурација 3.0 TDI и пакет Elegance. SUV моделот од Волфсбург добил 89 проценти за заштита на возрасните, 86 проценти за заштита на децата, 72 проценти за ранливите учесници во сообраќајот и 81 процент за системи за безбедност.
Два модели се добитници на четири ѕвезди – Ford Tourneo Connect, надградена верзија на тестираниот модел од 2014 година и Smart EQ ForFour. Фордовиот модел е со Titanium пакет, придвижуван од 1.5-литарски дизел. Тој добиl 92 проценти за заштита на возрасни, 79 проценти за детска заштита, 65 проценти за заштита на ранливи учесници во сообраќајот и 75 проценти за системи за безбедност. Електричниот Smart EQ ForFour го добил истиот рејтинг како конвенционалниот модел тестиран во 2014 година, кога доби 78 проценти за заштита на возрасни, 77 проценти за детска заштита, 65 проценти за заштита на пешаците и 56 проценти за системи за безбедност.
Што се однесува до Suzuki Jimny, моделот е добитник на само три ѕвезди поради недоволниот број на системи за безбедност во стандардната опрема. Jimny 1.5 GLX добил 73 проценти од заштитата на возрасните, 84 проценти за заштита на децата, 52 проценти за заштита на ранливи учесници во сообраќајот, а само 50 проценти за системи за безбедност.