Повеќето Formula 1 фанови овој ден го чекаа со голема нетрпеливост

Тимот на Ferrari денес во Маранело го претстави својот нов миленик – SF19, со кој Чарлс Леклерк и Себастијан Фетел ќе се обиде да стават крај долгогодишниот пост без титула.

На промоцијата на новиот болид, покрај Фетел, Леклерк и Матија Бинот (новиот технички директор на тимот), присуствуваа и Пјеро Ферари, голем број на инженери и членови на тимот, како и голем број на фанови, кои имале покана за настанот.

Сите се согласуваат во едно, а тоа е дека конечно е дојдено време тимот на Ferrari да ја освои шампионската титула.

Што се однесува до дизајнот на самиот автомобил, првото нешто што е воочливо е дека во Ferrari се одлучиле за поинаков пристап кога станува збор за предното крило. За разлика од своите конкуренти, каде предното крило се шири од средината кон краевите, предното крило на Ferrari започнува широко од средината и се стеснува кон краевите. Сличен концепт, само многу поекстремен, се користи и на болидот на тимот на Alfa Romeo, кој се уште не е официјално промовиран.

Првите знаци за тоа колку напредувал болидот на Ferrari и дали повторно ќе биде во позиција да се спротивстави па дури и да победи во битката со Mercedes, ќе видиме веќе во Понеделник, 18 февруари, кога започнуваат прелиминарните тестови во Барселона.