Една реномирана германска компанија за истражување, истражувала кои автомобили помалку ја загадуваат околината – толку озлогласените дизели или „зелените“ електрични автомобили

Институтот за економски истражувања (IFO) во Минхен дошол до заклучок дека возилата со дизел мотори емитуваат помалку штетни честички од EV, кога ќе се согледаат сите сегменти од уптребата на автомобилот, вклучувајќи го и производството на погонско „гориво“.

„Со оглед на сегашната количина на енергија потрошена во Германија за производство на батерии, електричните возила во најдобар случај испуштаат нешто повеќе СО2 отколку дизел моторите, а генерално, значително повеќе“, тврдат од IFO.

Сепак, само два дена подоцна, престижните германски економски медиуми го оспорија овој извештај, бидејќи најдоа бројни грешки и неточности во анализата:

  • IFO изнесува факт дека EV батериите по 150.000 km стануваат опасен отпад, што е сосема неточно. Стандардниот гарантен период на батериите е значително подолг, на пример, 240.000 km во Калифорнија. Освен тоа, многу производители на автомобили работат на рециклирање на батериите, а литиум-јонските батерии сè уште не се сметаат за токсичен отпад, за разлика од оловната киселина во акумулаторите кај дизел автомобилите.
  • Во извештајот се споредуваат Tesla Model 3 со 75 kWh батерија и Mercedes C220d, што медиумите го нарекуваат споредба на „баби и жаби“. Автомобилот на Tesla развива 473 КС, а Mercedes 194. Покрај тоа, моделот на Tesla е далеку од високоефикасни EV автомобили, додека C220 е еден од најефикасните дизели на пазарот.
  • Исто така, IFO необјасниво пресметал дека Model 3 испушта 16% повеќе CO2 отколку што се официјалните вредности објавени од Државната германска агенција за заштита на животната средина.
  • Покрај тоа, ова истражување користи податоци според стандардите на NEDC кои се неточни и застарени во однос на новите WLTP стандарди.
  • IFO за пресметување на емисиите во текот на целиот животен циклус ги опфаќа емисиите на електраните кои ја прават електричната енергија за EV возилата, но не ги вклучува емисиите за време на производството и транспортот на гориво за дизел возилата.
  • IFO, исто така, претпоставува дека секој EV автомобил во Германија користи просечна мешавина од извори на електрична енергија кои ја снабдуваат германската мрежа, а всушност повеќето ЕВ возила користат електрична енергија од сопствените фото-напонски извори. Многу германски производители исто така имаат можност за купување на 100% обновлива електрична енергија.
  • IFO нагласува дека електричната енергија произведена во Германија најмногу се произведува во термо централи, но факт е дека Германија се чисти својата мрежа и до 2030 година две третини од електричната енергија ќе се произведува од обновливи извори.

Германските економски медиуми веруваат дека производителите на автомобили би можеле да ја злоупотребат оваа неточна студија за лобирање кај пратениците да се откажат од поддршката за електрификација на автомобилската индустрија.

„Истражувањето на ИФО е бајка што нема вистинска врска со реалноста“, заклучуваат од престижниот бизнис магазин WirtschaftsWoche.