Ова е се што досега се знае за новиот Golf 8
Паметен, помодерен, побрз, поефикасен, но и поскап
Новата, осма генерација на најпопуларниот европски автомобил Volkswagen Golf пристигнува следната година, а својата премиера ќе ја има во септември 2019 година на салонот за автомобили во Франкфурт.
Освен клиентите, моделот „желно“ го исчекуваат и голем број на конкуренти од Ц-сегментот како Opel Astra, Ford Focus, Renault Megan, а особено премуим претставниците како – Audi A3 и новиот Mercedes A-Class.
Ц-сегментот има се повеќе луксузни претставници, па токму затоа Golf ќе треба да се потруди да ги задржи старите, но и да стекне нови клиенти кои сакаат премиум хечбек модел. Така, новиот модел ќе биде опремен со мобилен интернет, технологија за заштеда на гориво и можност за автономно возење.
Револуција во дизајнот, секако, не се очекува, но новиот Golf ќе има поостри црти на „лицето“, со дополнително спуштен капак на моторот и тенки LED светла, како кај сегашното Polo.
Според најавите од Volkswagen моделот со три врати и караван верзијата ќе бидат укинати, како и e-Golf, кој станува посебен модел од I.D. серијата.
И покрај тоа што ќе се користи истата платформа како и за сегашниот модел, се очекува оските да бидат малку поместени кон краевите, со што ќе се зголеми просторот во салонот, особено за патниците позади. Багажникот, исто така, ќе биде зголемен.
Од Volkswagen најавија дека новиот Golf ќе има „целосно дигитално опкружување“ во салонот, нешто налик на новиот Touareg.
VW сеуште не се откажува од дизелот, па затоа се подготвува нов, револуционерен TDI. Агрегатот од 2-литри ќе биде достапен во опсег од 137 до 204 коњски сили. Најавено е дека ќе бидат инсталирани нови, лесни компоненти, „брзи“ турбополначи и редизајниран DPF филтер. Сето ова треба да донесе за 9 проценти зголемување на моќноста и вртежниот момент, но исто така и и намалување на емисиите на CO2 за 10 грама по километар.
Секако, новиот Golf ќе може да се купи и во бензин варијанти, почнувајќи од минијатурниот, 1- литарски агрегат. Популарниот 1.5-литарски TSI ќе добие хибридна асистенција, што ќе ги подобри перформансите, но исто така ќе ја намали потрошувачката на гориво и емисиите на издувни гасови.
Новиот модел ќе биде трајно поврзан на интернет благодарение на eSIM модулот. Ова ќе овозможи моментално ажурирање на мапите, следење на сообраќајот во живо и понапредната контрола на автомобилот со вклучен темпомат.
Се разбира, сето ова ќе биде проследено и со соодветна цена кој дефинитивно нема да биде „популарна“, како што се претпоставуваше на почетокот од годината, бидејќи Golf сака да се престави како дел од премиум сегментот.