Официјално: Škoda Kamiq го виде светлото на денот
По многуте најавни тизери, Škoda конечно го претстави својот трет и најмал SUV модел
Иако на кинескиот пазар веќе долго време е присутен, европскиот Kamiq е сосема поинаков автомобил од азиската варијанта и секако со многу подобар квалитет.
Kamiq значително се разликува од поголемите Karoq и Kodiaq и фокусиран е пред се на помладата генерација. Kamiq како и останатите SUV модели од гамата на Škoda има остри линии но со изменет распоред на светлосните групи бидејќи горните тесни фарови служат за дневно возење заедно со покажувачите на правец, а долните се долги светла.
Габаритно гледано, Kamiq е долг 4,24 метри, со волумен на багажникот од 400 литри, кој со преклопување на задните седишта може да се зголеми до 1.395 литри. Од Škoda особено го истакнуваат просторот на задната клупа кој изнесува 77 сантимети од задниот дел на предните седишта до крајот на задната клупа.
Кога станува збор за ентериерот тука некои големи новини нема. Kamiq ја презел внатрешноста од новиот компактен хечбек Scala, каде особено се истакнува целосно дигиталниот контролен панел од 10,25-инчен, додека мултимедијалниот систем во зависност од верзијата на опремата доаѓа во димензии од 6,5, односно 8 и 9,2 инчи.
Škoda Kamiq е богато опремен со безбедносни системи, вклучувајќи прилагодлив темпомат, систем за следење на лентата на движење, итна автоматска сопирачка …
Кога станува збор за погонот, зборуваме за стандардни агрегати од групата VW, односно 1.0-литарски со 3-цилиндри турбо бензинец со 115 КС како основа. Помоќната верзија под хаубата крие 1.5-литарски TSI мотор со четири цилиндри и 150 КС, а тука е и 1.6-литарскиот турбо дизел TDI со 115 КС. Тука мора да го споменеме и најекономичниот погонски систем односно агрегатот на компримиран природен гас (CNG).
Со доплата, купувачите можат да добијат автоматски менувач со двојна спојка (DSG). Погонот на четири тркала не е ниту меѓу опциите.
Škoda Kamiq ќе дебитира на престојниот Саем за автомобили во Женева следната недела, а продажбата ќе продолжи подоцна во 2019 година.