Себастијан Фетел објави кратко видео на својот новоотворен Instagram профил во кое најави заминување од Formula 1 на крајот од оваа сезона

Германскиот возач кој победи на 53 трки во кариерата, 122 пати се искачи на подиумот и освои дури четири светски шампионски титули, одлучи 2022 година да биде неговата последна сезона во овој спорт.

„Јас имав привилегија да можам да работам со сите овие неверојатни луѓе кои ја сочинуваат Formula 1 петнаесет години. Изминатите две години сум дел од тимот на Aston Martin и, покрај полошите резултати од очекуваните, постигнавме добра основа за тимот да биде на самиот врв во иднина“.

„Навистина уживав да работам со овие феноменални луѓе во тимот и им посакувам се најдобро во иднина. Се надевам дека нашата голема работа во изминатите години ќе се исплати многу брзо и дека како тим во иднина ќе бидат меѓу најдобрите на гридот“.

„Oдлуката да се повлечам не беше лесна и тоа беше една од најтешките одлуки во мојот живот. На крајот на сезоната сакам да одвојам малку време за да размислам што да правам следно во мојот живот, а особено со нетрпение очекувам да поминувам повеќе време со моето семејство. Но, денес не е време за збогување. Пред се, би сакал да им се заблагодарам на сите, а особено на навивачите ширум светот, бидејќи без вашата огромна поддршка, Formula 1 не би била на ова ниво“.

Во име на Aston Martin, Лоренс Строл му се заблагодари на Фетел за соработката во изминатите две години и истакна дека се надева дека на крајот од сезоната, на својот 300. настап во Formula 1, кариерата ќе ја круниса со прекрасно збогување во Абу Даби.

„Во мое лично име, но и во име на целиот тим, би сакал да му се заблагодарам на Себастијан за се што направи во изминатата година и пол за Астон Мартин. Јасно кажавме дека сакаме да ја продолжиме соработката со него, но целосно ја почитуваме неговата одлука“.

„Себастијан е еден од великаните на Formula 1 и засекогаш ќе ги паметиме неговите одлични возења за нашиот тим. За сите нас беше голема привилегија и чест да се работи со таков возач. Секако, тој ќе остане во тимот до крајот на оваа сезона и на крајот од сезоната ќе ја започне својата 300-та трка во Formula 1 во Абу Даби, а ние ќе дадеме се од себе да му го овозможиме заслуженото збогум“.