Потврдата доаѓа од Томас Шефер, новиот извршен директор на чешката марка

2019 Škoda Fabia

Во изјава за медиумите, Шефер вели дека ќе се држи до планот Strategy 2025, имплементиран во времето на неговиот претходник Бернард Мајер, но и дека ќе се обиде да ја придвижи Škoda понатаму со своите идеи и да ја донесе на уште повисоко ниво.

Шефот на Škoda понатаму вели дека целта на овој бренд е да биде уште поконкурентен и да изврши посилен притисок врз корејските, француските и јапонските брендови. Томас Шефер планира поголемо присуство на Škoda во помалите сегменти, со цел да се прошири клиентската база на производителот од Млада Болеслав.

Шефер потврдува дека новата итерација на Fabia ќе пристигне следната година, но не навлегува во детали, туку само вели дека тоа ќе биде „одличен автомобил“ и дека има големи очекувања од претстојната генерација на ова супермини.

Новата Fabia се очекува да се префрли на платформата MQB A0 која веќе ја користат братските VW Polo и Audi A1. Кога станува збор за гамата на мотори, се верува дека истата ќе се состои само од 3-цилиндерски бензински мотори, а шансата да се понуди дизел погон единица е скоро непостоечка.

Останува да се види каква ќе биде тактиката по однос на електрификацијата, иако најверојатно, ќе се користи само благ хибриден систем.

Новата генерација на Fabia треба да биде поголема од сегашниот модел, со повеќе простор во самата кабина. Караванското издание е под знак прашалник, со оглед на фактот дека Škoda сега го нуди моделот Kamiq и постои страв од канибализација. На крајот на краиштата, некои од конкурентите, како сестринските Ibiza и Clio, останаа без караванските верзии.

Fabia RS најверојатно ќе остане дел од минатото, бидејќи се чини дека Škoda нема амбиции да понуди „хот хеч“ во пазарниот Б-сегмент.