Еден од големите аргументи на поборниците за електрични автомобили се пониските оперативни трошоци во споредба со бензинските или дизел автомобили

Сервисите се поевтини, а се чинеше дека тоа ќе биде случај и со потрошувачката на електричната енергија

Сепак, од Германскиот авто-клуб (ADAC) го докажуваат спротивното. Имено, да се поседува електричен автомобил не е толку ефтино, барем од перспектива на полнење и плаќање на соодветна цена за тоа. Од ADAC велат дека во јуни, просечната цена на дизел горивото била 108,6 центи, а според просечната потрошувачка на Golf TDi со 150 КС (4,8 литри), цената на горивото на 100 километри би била околу 5,21 евра.

Од друга страна, еGolf во реални услови троши просечно 17,3 kWh на 100 километри, а цената на потрошената енергија – доколку возилото се полнело на домашен приклучок – 5,36 евра. Според сето ова, идејата дека со пониските секојдневни трошоци електричните автомобили ќе ја оправдаат повисоката цена при купување, не „држи вода“. Ситуацијата е уште полоша ако полнењето на батеријата се одвива надвор, на пример преку мрежата на станици за полнење на Ionity на автопат. Цената за автономија од 100 километри за електричниот Golf во тој случај се искачува на дури 13,32 евра, што е повеќе од двојно поскапо од цената за горивото за дизел Golf.