Германскиот Mercedes објави фотографии и прелиминарни технички детали за својот нов SUV модел

Mercedes GLB е сосема нов SUV модел од се поголемото семејство на компактни автомобили на овој производител.

Во рамките на втората генерација на Mercedes модели кои користат механичка платформа со погон на предните тркала во изминатата година и половина свое деби веќе имаа А-класа, В-класа, CLA и CLA Shooting Brake, за сега да им се придружи и најновиот член на семејството.

Во гамата на SUV возила, Mercedes GLB ќе се позиционира помеѓу моделите GLA и GLC, а интересно е тоа дека германскиот производител на своите клиенти им нуди и верзија со 7 седишта (во три реда), што не е толку честа појава во компактната класа. На тој начин, ова е првиот компактен Mercedes кој може да превезе седум патници.

Опционалниот трет ред се состои од 2 одделни седишта кои може да се соборат поединечно, а на патниците кои се наоѓаат во последниот ред достапни се и држачи за чаша / шише, како и USB порти за smartphone уреди.

Од Mercedes велат дека страничните воздушни перничиња се така дизајнирани за да може да ги заштитат и патниците во последниот, трет ред на седишта. Германскиот производител на автомобили засега нема оббјавено информации за димензиите на просторот за нозете и главите на оние кои седат на горенаведените две места, но се претпоставува дека во нив удобно можат да се сместат деца или возрасни со поситна градба.

Вториот ред седишта се соборува во соодно 40:20:40, што овој автомобил го прави уште попрактичен и функционален. Кога ќе се преклопат седиштата од вториот и третиот ред, се добива прилично рамен, голем товарен простор.

Дизајнот на GLB не е изненадувачки, со оглед дека неговата „коцкеста“ контура веќе е видена кај концептот претставен во април на саемот за автомобили во Шангај.

Кокпитот е типичен за најновата генерација компактни Mercedes модели. Стандардната опрема ја чинат дигитална табла која се состои од два поврзани дисплеи, како таблети, секој со дијагонала од 7 инчи. Левиот е замена за класичната аналогна инструмент табла, додека десниот, централно поставен, служи за мултимедијалниот систем на возилото. Мултимедијата стандардно содржи Apple CarPlay и Android Auto.

Во стандардна опрема влегуваат и гласовни команди, како и бројни безбедносни системи за помош на возачот, како што е автоматско сопирање во случај на опасност од судир.

Опционалните пакети вклучуваат систем за откривање на други возила во мртвиот агол, навигација, систем за помош при паркирање, поголеми дигитални дисплеи од 10,25 инчи, аудио од премиум брендот Burmester, head-up дисплеј …

Со оглед на тоа што промоцијата на GLB се одржа во САД, германскиот производител засега објави деталите само за погонските системи за пазарот во Северна Америка.

На самиот почеток од продажбата, клиентите во САД на располагање ќе имаат две верзии – GLB 250 и GLB 250 4Matic. Првата варијанта е со преден, а втората со погон на сите тркала.

Двата модели под хаубата имаат 4-цилиндерски 2.0-литарски турбобензинец со 223 КС (164 kW) и 350 Nm. Максималната моќност е достапна на 5.500 вртежи во минута, а максималниот вртежен момент е во опсег од 1.800-4.000 вртежи во минута. Моторот е поврзан со 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1hacrxwbsqbmi2JvjiWEURGyIWsU0LK5o” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Mercedes GLB пред европската публика ќе се дебитира во септември на Саемот за автомобили во Франкфурт, а во продажба се очекува до крајот на оваа година. Техничките детали и податоци за моторизацијата за Европа ќе бидат познати наскоро.