Официјално: Кинескиот сопственик на Volvo купи речиси 10% од акциите на Daimler
Кинескиот бизнисмен Шугу Ли, сопственик на компанијата Geely во чија сопственост се Volvo, Lotus и London Taxi, купи 9,69% акции на германскиот гигант Daimler
Шугу Ли платил 9 милијарди долари за акциите на компанијата која е сопственик на Mercedes-Benz.
Daimler во соопштението за медиумите изразува задоволство поради долгорочната соработка која ќе ја има со Ли, кого го опишуваат како „исклучително добар претприемач кој има јасна визија за иднината и со кој може конструктивно да се разговара за промени во автомобилската индустрија“.
Шугу Ли уште минатата година се обиде директно да купи акции во Daimler, но беше одбиен, за сега патот до Mercedes да го најде преку отворениот пазар. Со купувањето на акциите тој добива пристап до технологија за електрични возила.
Неговото богатство се проценува на 13,6 милијарди долари. Неодамна го лансираше брендот Polestar, како засебен бренд од Volvo, како иден конкурент на Tesla на пазарот на електрични автомобили.
Geely е трета компанија во Кина по бројот на продадени електрични автомобили, а пред себе има поставено цел да електрифицира 90% од својата гама до 2020 година.