Две недели пред почетокот на Салонот за автомобили во Женева, сеуште нема официјална потврда дека италијанскиот бренд ќе ја претстави концептната верзија на новиот SUV модел од сегментот C

Сепак, гласините дека ова ќе се случи сè се поинтензивни. Се претпоставува дека на најважниот светски автомобилски настан ќе биде претставен и надградениот ентериер на кросовер моделот Stelvio како и седанот Giulia, иако челниците на компанијата сеуште молчат.

Уште претходно, производителот изнесе огромни очекувања за новиот кросовер. Alfa Romeo верува дека тоа ќе биде најуспешниот модел на компанијата, во однос на продажбата, во богата историја од 108 години. Главната задача на овој кросовер ќе биде да привлече клиенти кои инаку флертуваат со конкурентни модели како што се Volvo XC40, BMW X1, Audi Q3 и Range Rover Evoque.

Кога се знае дека ова е најбрзо растечкиот сегмент во автомобилската индустрија, тогаш плановите на Италијанците не звучат премногу амбициозно.