Третиот SUV во гамата на чешкиот производител припаѓа на поткомпактниот сегмент кој е многу популарен во Европа и каде што моментално постои остра конкуренција

Зборот Kamiq доаѓа од јазикот на Инуитите, народот која ја населува северна Канада и Гренланд, а ако ви звучи познато тоа е затоа што компанијата веќе го користи ова име за SUV модел кој се произведува во Кина и е наменет само за корисниците во таа земја. Сепак, европскиот Kamiq ќе се разликува од кинескиот.

Според чешкиот производител, Kamiq опишува нешто што совршено се вклопува, „како втора кожа“ и одговара на секоја ситуација. Според првите луѓе на компанијата, ова е доволна причина кросоверот наменет за европскиот пазар да го добие истото име како и во Кина.

Во исто време, се вклопува и во номенклатура која ги поврзува сите модели во Škoda SUV гамата – имиња почнуваат со буквата К и завршуваат со буквата Q.

Од Škoda истакнуваат дека новиот поткомпактен SUV комбинира агилност и управување карактеристично за компактните автомобили, со традиционалните предности на SUV моделите – повисока позиција на седење, подобра прегледност, полесно влегување и излегување од автомобилот и повисок клиренс.

Инаку, во овој SUV сегмент на европскиот пазар има голема конкуренција, бидејќи за наклонетост на клиентите се борат повеќе од десет модели на познати производители како Renault Captur, Peugeot 2008, Nissan Juke, Kia Stonic, Hyundai Kona, Seat Arona, Opel Mokka, VW T-Cross, Jeep Renegade, FIAT 500X, Honda HR-V, Suzuki Vitara…

Светската премиера на Škoda Kamiq е закажана за Саемот на автомобили во Женева, од 5 до 17 март 2019 година.