BMW потврди дека подготовката на целосно електричен концепт автомобил од „i“ серијата е во завршна фаза, а сериската верзија на пазарот ќе пристигне во 2021 година. За производството на електричниот модел ќе биде задолжена фабриката во Динголфинг

Најновиот iNEXT концепт ќе биде претставен оваа година, а инспирацијата доаѓа од концептот Vision Dynamics, презентиран минатата есен во Франкфурт. Најавата од производителот е пропратена со тизер фотографија.

Новиот чисто електричен модел премиерно ќе ја користи новата архитектура на BMW, а неговата форма и големина ќе бидат слични на моделот X5. Ова е еден од, повеќе пати најавуваните, дванаесет целосно електрични „сини пропелери“, кои ќе се појават до 2025 година, а кои ќе следат по презентацијата на седанот BMW I4.

INEXT ќе биде еден од првите автомобили кои ќе се потпираат на новата BMW заедничка платформа која ќе може да се користи за конвенционалните бензински и дизел мотори, plug-in хибриди и чисто електрични возила, кои ќе бидат вклучени во портфолиото на брендот.

Поради флексибилноста на платформата, големината на батериите за сите електро придвижувани модели, а тоа значи и за iNEXT, ќе се движи од 60 kWh до 120 kWh. Ова значи дека автономијата на електричните возила ќе варира помеѓу 450 и 700 километри.

Опсегот на моќност на моторите, кои платформата ќе може да го испорача, исто така е потврден. Покомпактниот електромотор ќе има различни нивоа на моќност: 137, 258, 338 и 448 коњски сили. Дадените бројки се приближни вредности. Платформата ќе овозможи поставување на електричен мотор на секоја оска, со цел да се постигне ефектот на погон на сите тркала, а ќе биде можно да се инсталира и трет мотор за перформантните модели. Во таква комбинација, автомобилот може да достигне моќ од околу 800 КС. Многу е веројатно дека iNEXT ќе има поголеми батериски единици, како и посилна комбинација на агрегати.

Според очекувањата, INEXT треба да поседува 3-то ниво на автономно возење, што значи дека возилото ќе има автономна контрола на сите функции, но со обврска возачот да биде подготвен да ја преземе контролата во секое време, во случај на потреба.